Манчевски и Шекеринска: Со синергија на институциите и бизнис-секторот до поголема сајбер-безбедност
„Различните институции кои што мораат да се подготват за зајакнување на сајбер–безбедноста на Република Македонија веќе се договорија дека заеднички ќе настапуваат и нема да го гледаат прашањето за сајбер безбедноста како секторско прашање со кое секој се занимава од своја страна. Министерствата за одбрана, за информатичко општество и администрација и за внатрешни работи веќе ги формираа заедничките тимови чија задача ќе биде во сојузништво со НАТО и ЕУ да продуцираат Стратегија за сајбер одбрана, за која најавуваме и силно партнерство со бизнис–секторот и со академскиот и граѓанскиот сектор“.
Ова го најави министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска на денешната јавна дебата на тема „Политики за сајбер безбедност“, во Клубот за пратеници на која говореа и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и претставници на МВР и Агенцијата за електронски комуникации.
Министерот Манчевски истакна дека како земја-кандидат за членство во ЕУ, Македонија има обврска да го хармонизира своето национално законодавство со европското. Тој посочи неколку чекори како донесување на нов Закон за обезбедување на високо ниво на безбедност на мрежите и информациските системи, утврдување на листата на клучни оператори, поставување на законска обврска за тие да преземат мерки за управување со ризиците за безбедноста на нивните мрежи и системи. Министерот рече дека има потреба од именување на национално надлежно тело за надзор и воспоставување на тимови за одговор на компјутерски инциденти. Тој дополни дека за ефикасно спроведување на обврските на овие тимови, потребни се човечки капацитети, но и соработка помеѓу приватниот сектор и државните институции.
„Оваа јавна расправа е првиот чекор кој го правиме и треба да ни ја отвори соработката на нас како државни институции, компаниите и целото општество. Потребно е да го размениме знаењето, да ги изградиме капацитетите и да ја подигнеме свеста за информациската безбедност“, заклучи министерот Манчевски.
На дебатата министерката Шекеринска истакна дека партнерството со бизнис-секторот е особено важно имајќи предвид дека државната администрација тешко продуцира кадри, и истите тешко ги задржува.
„Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија дадоа зелено светло оваа година на Воената академија во Скопје да се започне со последипломски студии за сајбер безбедност на кои што ќе бидат поканети да конкурираат луѓе од бизнис секторот, но ќе биде овозможено и стипендирање на луѓе кои работат во администрацијата, а кои сакаме да се специјализираат на тема сајбер безбедност“, рече министерката. Додаде дека безбедноста одамна не е концепт кој припаѓа единствено на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, дека главните напади се напади на инфраструктурата која ја користат сите луѓе и дека за нејзина заштита потребна е синергија.
Марјан Стоилковски, од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, во својата презентација зборуваше за состојбата со компјутерскиот криминал во државата и за предизвиците со кои се соочува секторот во борба со компјутерскиот криминал.
Претставникот од Агенцијата за електронски комуникации Александар Ацев ги претстави наодите на АЕК и статистиката за сајбер нападите годинава. Како што посочи тој според официјалните податоци во периодот од јануари од октомври оваа година биле нападнати 328 македонски веб страници.
На денешната дискусија присутни беа голем број професионалци во областа на сајбер просторот од други засегнати институции, Дирекции и Агенции, како и приватниот телекомуникациски и финансиски сектор во Република Македонија.