23/11/2024
Македонија

Манчевски: МИОА реализира ИКТ проекти за да ги задржи младите во Македонија

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на настанот по повод седум години од основањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. На настанот беа доделени и дипломи на најдобрите студенти, дипломци и постдипломци.

„Да се студира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, значи да се биде дел од динамична област каде постојано се откриваат нови работи. Тоа од вас како млади луѓе, студенти бара постојано да се надградувате себеси и да сте во тек со новите случувања. Тоа што сте денеска тука, како дел од најдобрите студенти покажува дека во тоа сте успеале“, истакна министерот Манчевски.

Како што рече Манчевски, заложбите на МИОА и Владата се во правец да се подобри пазарот на труд во Македонија, со цел младите и успешни професионалци од областа на информатичките науки, да останат да работат во Македонија.

„Наша цел е целосно дигитализирана Македонија. Од големиот број на проекти што ги работиме тоа што сум сигурен дека е најинтересно за вас, е Технолошкиот парк на што работиме заедно со Фонд за иновации. Технолошкиот парк ќе претставува место каде младите како вас заедно со компаниите ќе имаат можност да инвестираат во центар за истражување и развој и создавање нови технологии. Ова претставува мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија е еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Ова ќе доведе до зголемување на инвестициите на домашните и странски компании“, информираше министерот Манчевски.

„Како студенти вие сте движечка сила на општеството и затоа мора да бидете гласни и критични кон општествените случувања. Само со силни, информирани, општествено активни студенти можеме да изградиме демократски развиено општество“, заклучи во своето обраќање министерот Манчевски.