26/11/2024
Македонија

Манчевски: Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан отвора можности за нашите граѓани, одговорност е да не ги пропуштиме

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски се обрати на Балканската конференција на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) што денеска се одржува во Црна Гора.

Во своето обраќање, потпретседателот Манчевски се осврна на актуелната политичка состојба во земјите од Западен балкан, перспективите на регионот во ЕУ, како и соработката помеѓу социјалдемократските и социјалистички партии од регионот и Европа.

„Регионот на Западен Балкан повторно се врати на врвот на европската агенда, а една од клучните причини за тоа е и постојаното лобирање на нашите пријатели од ПЕС. Новата стратегија на ЕУ за Западен балкан носи вистински придобивки за регионот и како генерација не смееме да ја пропуштиме оваа можност. Оваа година од Брисел ќе се отворат патишта кон Западен Балкан. Како одговорни политичари, да ги поведеме нашите граѓани по овој пат, бидејќи мислам дека нема да има следена можност во следните неколку години. Како социјалисти и социјалдемократи делиме слични вредности, а една од најзначајните е солидарноста. Не само солидарноста меѓу нас, туку солидарноста со нашите граѓани, затоа што секој граѓани е важен. Мора да направиме коалиција со нашите граѓани што ќе трае, а ќе трае само ако сме отворени и транспарентни.“ посочи Манчевски.

Потпретседателот Манчевски истакна дека граѓаните од целиот регион делат исти проблеми и предизвици за чие што решавање понекогаш се потребни и тешки одлуки и затоа на Балканот му се потребни лидери кои нема да се водат од анкети, туку анкетите ќе се водат од успешноста на политиките на лидерите.