23/11/2024
Македонија

Манчевски: За првпат бројот на вработени во јавниот сектор се намалува

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска го објави Извештајот за вработени во јавниот сектор за 2017та година. Податоците во Извештајот се резултат на вкрстена анализа на податоците од Министерство за финансии, Агенција за вработување, МИОА и Фонд за здравствено осигурување.

Според овие податоци во 2017 година имало 1.299 институции и 128.722 лица со работен однос. Оваа бројка е за 931 помала од бројот на вработени во 2016та година. Како што истакна министерот причина за тоа е што конечно се вработува според потребите на институцијата, а не според потребите на партијата на власт.

„Во извештајот за прв пат се објавува бројот на вработени во Акционерските друштва во 100% државна сопственост и вработените преку Агенцијата за привремени вработувања. Во Акционерските друштва има 8.633 вработени, а преку АПВ работно ангажирани се вкупно 1.624. Оваа бројка до мај 2017 била значително поголема -2.064 лица. Вкупната бројка на вработени вклучително АД и АПВ изнесува 139.009 вработени“, информираше министерот Манчевски. За разлика од овие бројки, Регистарот на вработени, што треба да е основен извор на овие податоци, покажува различна слика, односно 1.304 институции и 69.380 активни решенија. Причина за ова е нередовното и не соодветно внесување и ажурирање на податоците во Регистарот.

„Тоа што сакам да потенцирам е дека активно работиме на конечно решавање на овој проблем. Со таа цел како што знаете променивме 4 закони (Закон за Управа за јавни приходи, Закон за даночна постапка, Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување и Закон за вработени во јавниот сектор). Ова резултираше со значително зголемување на внес на податоци во Регистарот. Само за илустрација во декември 2017 година имало 15.533 организациони единици (сектори, одделенија), додека во март 2018 година нивниот број е 37.615“, истана министерот Манчевски.

По завршувањето на законски предвидениот рок од 3 месеци, за внесување на сите податоци во Регистарот, по што ќе следи санкција со не исплаќање на плати, конечно ќе имаме Регистар кој ќе одговори на задачата за која што во 2014та се платени 2 милиони евра, пари од граѓаните.

Целосниот извештај на следниот линк:
Годишен извештај за податоците од Регистарот на вработените во јавниот сектор 2017