22/11/2024
Македонија

Маричиќ: Државата интензивно работи на пописот и реформите во правосудството

Министерот за правда Бојан Маричиќ, заедно со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и заменик директорот Илми Селами, одржаа состанок со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјава, а се разговараше за подготовката за спроведување на пописот.

По носењето на Законот и објавувањето на методологијата сите одговорни за организацијата на пописот, интензивно работат со цел успешно спроведување на статистичката операција која има суштинско значење за развојот на државата.

– Последниот попис во Северна Македонија се одржа во 2002 година. Имавме и неуспешен и скап обид за попис во 2011 година. Нашата земја една од ретките во светот која е без попис цели 19 години. Ова се дел од причините зошто е потребен пописот во Северна Македонија, секако почитувајќи ги сите здравствени протоколи со цел да се заштити здравјето на нашите граѓани. Веќе имаме едно слично искуство со успешно организирање на предвремените парламентарни избори во услови на пандемија, истакна Маричиќ.

Инаку, министерот Маричиќ на ЕУ амбасадорите им ги презентираше и бројните реформи во судството со акцент на интерниот план за проверка на работата во судството и дигитализацијата. Токму за воведувањето на информатичката технологија во работата на судовите е најавена поддршка од неколку ЕУ држави, за што министерот се заблагодари и кажа дека нивното искуство за овој процес е од големо значење за државата.