Марш на еднаквоста „МОЗАИК – секое камче е скапоцено“
Во рамките на програмата Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), Црвен крст Охрид организира марш на еднаквоста „Мозаик“ под мотото „Секое камче е скапоцено“.
Целта е со овој марш да се поттикнат луѓето на заедништво, слога, еднаквост, хармонија, љубов и меѓусебно разбирање. Да ги оставиме поделбите зад нас, да покажеме дека нашата животна заедница е поубава кога сите живееме заедно во слога и пријателство, да ги надминеме предрасудите кои луѓето ги делат по вера, националност, боја на кожа…
Маршот ќе се одржи во петок, 3 мај, со почеток во 13 часот, а ќе се стартува од три различни локации во градот и тоа:
– Плоштад „Чинар“
– „Кеј Македонија“ (Хотел Ројал)
– Црквата „Св.Софија“
Учесниците на Маршот ќе се движат до градскиот плоштад , каде што официјално ќе биде прикажан видео перформанс реализиран од ПХВ тимот на Црвен крст Охрид со деца од различни етнички групи. На плоштадот „Св.Климент Охридски“ Ќе бидат изложени и ликовни творби од учениците на ОСУ „Св. Климент Охридски“ .
Да ги сплотиме и вградиме различните во еден прекрасен МОЗАИК!
Што е тоа ЦКА-ПХВ?
Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Р. Македонија. Истата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците.
Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество.
Младите во текот на овие обуки добиваат и практични знаења. Како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои му помагаат на ранливото население. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3.000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека пак за некои помошта е долгорочна.