Мартин Гоџо е фаќачот на чесниот крст за големиот празник „Богојавление – Водици“
Во духот на традицијата и верата, Охрид го одбележа големиот и значаен празник за градот, Богојавление – Водици.
По осветувањето на езерските води и положувањето на Светиот крст, најсреќен помеѓу стотината капачи беше Мартин Гоџо кој го фати Светиот крст.
Оваа година како што доликува ја имавме честа архиепископот г.г. Стефан да ја освети водата и да го положи крстот во Охридското Езеро. Голем број на претставници и државниот врв, претседателката на Македонија се присутни. Во Охрид секоја година е централната манифестација, но годинава по сите параметри беше и најпосетена и како што доликува на Балканскиот Ерусалим. Му посакувам многу здравје, среќа и успех на фаќачот на крстот Мартин кој по вторпат го фаќа крстот. Од Општина Охрид за фаќачот на крстот има икона и рачно изработен филигран традиционално како и секоја година, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.
На среќниот фаќач Дебарско – кичевската епархија го дарува со ланче со златен крст, а градоначалникот со рачно изработена икона и филигран во вид на крст.
Прославата на големиот христијански празник Богојавление Водици продолжува на Градскиот плоштад со настап на Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата ДНК, со композиции од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ и со групно крштевање на Сараиште.
Рано утринава градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на осветување на водите од Охридското езеро во Пештани.
WebOhrid / 19.01.2025 / Општина Охрид