Матурска парада 2018 на градскиот плоштад во Охрид
Охридските матуранти од четирите средни училишта ОСУ „Св.Климент Охридски“, СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, ЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“, беа дел од манифестацијата Mатурска парада 2018 што денес се одржа на плоштадот „Св.Климент Охридски“ во Охрид. Пред бројна публика досегашните ученици точно напладне го заиграа познатиот „Квадрил“ на музика од Штраус.
Настапот го проследи градоначалникот Јован Стојаноски, кој им посака на матурантите одиграниот танц да ги потсетува на заедничкото дружење во средношколските клупи и истиот да биде инспирација што полесно да ги премостуваат животните препреки.
„Со завршувањето на средното образование, исправени сте пред нови хоризонти и предизвици кои се отворен пат кој секој посебно ќе го осмислува и секој посебно ќе го поминува. Бидете достоинствени, бидете храбри за да се соочите со предизвиците кои секогаш стојат пред човекот. Бидете цврсти во Вашите одлуки да напредувате во животот, само на оној начин кој нема да ги наруши човечките етички вредности. Младоста е само една етапа во животот.Младиот човек треба да биде мотивиран, жеден за знаење и подготвен да ја достигне својата цел. Младоста, велат, дава крилја со кои побрзо се долетува до целта, а тој пат е интересен и возбудлив.На тој пат, чекор по чекор, младиот човек стекнува искуства кои му го олеснуваат животното патешествие. Со родителите на матурантите, денеска ја споделувам гордоста што нивните деца успешно поминале една етапа од својот живот.Цврсто сум уверен дека како и досега тие ќе ја имаат поддршката тогаш кога ќе им е најпотребна, а сегашниве матуранти ќе знаат тоа да го почитуваат и да научат дека на доброто се возвраќа со добро“- рече градоначалникот Стојаноски кој и врачи благодарница на професорката Соња Думбалоска- Делова во знак на почит за успешно подготвените паради во изминативе 10 години.
Матурската парада за прв пат се одржа во Љублјана – Словенија во далечната 2001 годинава, а во Македонија се одржува од 2007 година. Годинава охридските матуранти истовремено танцуваа „Квадрил“ со нивните врсници од шеесетина држави од Европа меѓу кои се Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Украина.