Матурска парада на Градскиот плоштад
Околу 400 охридски матуранти од средните училишта ОСУ„ Св. Климент Охридски“, СОСУ„Св. Кирил и Методи“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, беа дел од манифестацијата „Mатурска парада“ што се одржа денеска на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“.
Пред бројната публика, матурантите точно напладне го одиграа танцот „квадрил“ од штраусовата опера „Лилјакот“.
На настанот, пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
-Навистина е прекрасно чувството да се биде денеска тука и драгоцена е можноста, заедно со вас да ги споделам овие моменти на радост и возбуда, кои ќе останат врежани во вашите спомени.
Почестени сме што и оваа година, Охрид се најде на листата на градови, кои негуваат убава традиција, преку која во исто време, со иста музичка мелодија и синхронизирани танцови движења се испраќа силна порака за мир и толеранција.
Матурата е важен животен премин, кога мора дa се донесат значајни одлуки за идните чекори. Верувам дека со вашата младост, вашата позитивна енергија и стекнатите знаења ќе го изберете вистинскиот пат, ќе напредувате на сите полиња и ќе бидете гордост за вашите родители и за сите нас.
Драги мои, соништата се денешните одговори на утрешните прашања. Успехот не доаѓа кога ќе посакате. Тој доаѓа кога ќе постојат јасни планови, силна желба и постојана упорност. Големиот државник Абрахам Линколн рекол, “Секогаш имајте на ум дека вашата сопствена волја за успех е многу поважна од било што друго.”
Затоа најискрено и од срце ви посакувам секогаш да имате нескротлива волја за ново знаење и мотив да ги истакнете личните квалитети. Верувам дека од вашата генерација ќе произлезат многу успешни професионалци кои ќе дадат голем придонес во идниот развој на Охрид.
Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам честитки до посветеноста на наставниот кадар кој е вклучен во подготовката на кореографијата, а особена благодарност би сакал да упатам до пензионираната професорка Соња Думбалова-Деловска, која е една од најзаслужните за организирање на оваа меѓународна манифестација во Охрид, низ годините наназад.
Јас како градоначалник и Општина Охрид ќе продолжиме да даваме поддршка на ваквите настани и во континуитет да вложуваме средства во образованието, со една единствена цел, на младите, да им обезбедиме подобри услови и квалитетна настава.
Уште еднаш ви упатувам најсредечни честитки за вашето матурирање и посакувам заедно да прославиме уште многу големи успеси. Бидете здрави и полни со ведрина, а насмевките засекогаш нека ги красат вашите лица.
Ви благодарам на вниманието, ви посакувам убава забава и весели матурски денови, рече градоначалникот Пецаков во своето обраќање.
Освен во Охрид, „Матурска парада“ се организираше и во Скопје, Гевгелија и Струга. Оваа година учество на парадата синхронизирано се организираше во 6 држави: Словенија, Србија, Словачка, Македонија, Црна Гора и Унгарија.
WebOhrid / 19.05.2023 / Општина Охрид