26/11/2024
Писма/Колумни

„Ме уби туѓата срамота“ – Каде се инспекторите!?

Охрид, 27 мај (Либертас) – Од утре се отвораат угостителските објекти, под нов режим и протоколи кои ги пропишуваат здравствените власти. За почеток само летните бавчи, иако, уште денеска, една меана, ама,баш, до зградата на општина Охрид, веќе го стори севтето.

И тоа – внатре!

Од друга страна, корона кризата сеуште е на дело, не се знае до кога ќе потрае, а за тоа најголемата заслуга, како досега, така и отсега, е на граѓаните. Пред се, со неодржувањето на физичка дистанца, но и негрижата за чистотата, како еден од факторите за ширење на вирусот.

За сето време во изминативе, скоро два месеци, граѓаните беа сведоци на невообичаена ангажираност на вработените од комуналното претпријатие “Охридски комуналец”. Контејнерите ги чистеа по неколку пати на денот, постојано се празни. По улиците чистачите со метли, чистеа од рано наутро, а поминуваа и контролираа и во текот на денот. Охригани одавна, не паметат вака чист град.

Но, додека комуналците чистат, граѓаните загадуваат. Остатоци од градежен материјал има на сите приоди кон Охрид, како и на височинките над Охрид – кон Велестово, но и во старото градско јадро.

Она што особено загрижува е однесувањето на станарите по населбите. Комуналците чистат најсовесно, но, затоа пак, несовесни поединци, им го расипуваат добриот впечаток. Расфрлаат покуќнина, остатоци од мебел, цели фотељи, душеци и што уште не.Веднаш до контејнерите, надевајќи се дека комуналците тоа ќе го соберат и однесат.

Но тоа, не е ниту нивна работа, ниту, пак, можат деа го сместат во камионите. Со денови, со недели, останува до контејнерите, покрај кои, комуналците поставиле табла со предупредување.Постануваат дом на мачките и кучињата!

Колку за илустрација, една навистина грда слика од најктесното градско подрачје, на самиот централен булевар – Туристичка, до еден од најпосетуваните супермаркети на на компанијата КАМ.

Кога нема совест (совесни граѓани) треба да има инспекција (инспекциски служби)! Што правиме, кога го нема ниту едното, ниту другото!? Со недели (короната не корне!), а некој, се што не му требало дома – старо и нечисто, само го потфрлил под пенџерето, под носот на сите нас!

Комуналците чистат, контејнерите се редовно празни, а до нив…!? Некој непознат “мудрец”, кој го направил ова злосторство – кон своите соседи и природата, спие мирно! “Чиста” му е нечистата совест! Предупредувањето од комуналците, ама, баш, ништо не му значи! Но,каде се инспекторите!

Друга “мудрица”, најверојатно, спие мирно со нечиста совест, откако заедничкото, го узурпирала, го заградила и по свој акал, направила, се шегуваат соседите – Шутка Два, под нивните прозори!

И, повторно – каде се инспекторите?

А, треба да чекаме гости, сезоната е на прагот. Резервации има за јули и август и во хотелите и во приватното сместување, а за несреќата да е поголема, овие грди слики се токму пред зградите во кои има доста викенд станови на сопственици од Скопје и други градови во земјата.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.