26/11/2024
Македонија

Меѓународен ден на мирот: ЦИВИЛ повикува на светско обединување во борбата за мир

ЦИВИЛ – Центар за слобода, уште од основањето на организацијата во 1999 година, во својата визија и мисија го промовира мирот и демократијата, свет во кој луѓето ќе живеат мирно и достоинствено. Во своите темели, организацијата ги вгради бескомпромисните заложби за општество каде што човековите права и слободи ќе се почитуваат во целост, култот кон оружјето и насилството ќе биде надминат, а дискриминацијата, нееднаквоста, омразата, предрасудите, национализмот ќе бидат само мрачна епизода на минатото.

На Меѓународниот ден на мирот, ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, своите членови, поддржувачи, активисти, волонтери, како и граѓанските здруженија, политичките субјекти, да се приклучат на сите мирољубиви луѓе ширум светот во одбележување на Меѓународниот ден на мирот.

Меѓународниот ден на мирот оваа година нè потсетува колку лесно може да се наруши и распадне мирот во светот. Руската агресија врз Украина го дестабилизира и светскиот мир преку неизмерните насилства, негирање на правото на постоење по било која основа и со очигледна намера за истребување на украинската нација.

Воената агресија против Украина, но и сите воени и други конфликти во светот, повикуваат на обединување и одбрана на правото за мирно и достоинствено живеење во демократски и праведни општества каде поделеноста, омразата, насилството, борбата за власт и моќ на сметка на човековиот живот и достоинство ќе станат минато.

Со силна поддршка за Украина и украинската нација, ЦИВИЛ повикува на обединување на светот во заложбите за ставање крај на руската агресија и обнова на мирот и стабилноста на Украина. Многубројните изгубени човечки животи да бидат и последни што ќе сведочат за хоророт и деструкцијата што војната ги носи со себе.

ЦИВИЛ стои на ставот дека мирот, слободата и еднаквоста се вредности кон кои се стремат и граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, како и нејзините демократски институции. Тие вредности треба сите заеднички секојдневно да ги вреднуваме и промовираме. Негувајќи го мултикултурализмот наспроти меѓуетничките конфликти, промовирајќи ги заложбите за европските и зелените вредности, наспроти националистичките наративи, дезинформациите и пропагандата. заеднички ќе ја извојуваме битката за демократско и праведно општество.


WebOhrid / 21.09.2022 / ЦИВИЛ