Меѓународен ден за подигање на свесноста за лицата со аутизам
Светот денес го одбележува 2 Април, Меѓународниот ден за подигање на свесноста за лицата со аутизам. Во знак на поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување денес светот се бои во сино. Светот кој е преполн со дразби и премногу напорен за лицата со аутизам барем денес треба да биде посмирен и поблизок до „нивниот свет“. Денес се испраќаат пораките да ги разбереме, прифатиме и да се најдеме некаде на половина пат, за да создадеме поинклузивно општество.
Околу 1% од светската популација се лица со аутистичен спектар на нарушувања. Се претпоставува дека 7 милиони луѓе во Европска Унија и околу 15 до 20 000 лица во Република Северна Македонија имаат аутистичен спектар на нарушувања.
Со резолуција на Генералното обрание на Обединетите нации од 2007 година, 2 Април се одбележува како Меѓународен ден на аутизмот.
Аутизмот претставува первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на ненормален или оштетен развој кој се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, во комуникациите и со повторувачко однесување (СЗО).
Република Северна Македонија нема свој регистар врз основа на кој ќе може да изготви стратегија за подобрување на местото на оваа група наши сограѓани во општеството, како и акциски план за реализација на активностите.
Потребно е зајакнување на соработката меѓу различни сектори и министерства со заедничка цел – подобрување на состојбата на лицата со аутистично нарушување во сите сфери на секојдневниот живот и нивна интеграција во општеството. Само со заедничко дејствување на ресорните министерства, академската заедница, невладиниот сектор, центрите за третман, обрзовниот систем со ресурсните центри и локалната заедница, може да се добие посакуваниот ефект – лице со аутистичен спектар кое може да биде дел од сите текови на општеството. Медиумите се секогаш значаен партнер во кревање на јавната свест и прифаќањето на лицата со аутизам во општеството. Грижата мора да биде насочена и кон семејствата, на семејствата им се неопходни системски организирана психо-социјалната поддршка и повеќе ресурси.
Аутизмот како специфична состојба, бара и задолжителен, континуиран, интензивен третман што ќе резултира со подобрување на целокупната состојба на децата. Интензивните терапии бараат повеќе часови терапија во текот на неделата и опфаќаат бихевиорални, развојни и образовни цели. Според многубројни истражувања докажано е дека раната интервенција и третман позитивно влијаат на состојбата на децата, па поради тоа секое дете со аутистичен спектар на нарушување треба да биде опфатено со ран и континуиран третман. Не смее да се заборави дека е неопходн прецизно утврдување на стандардите во третманот на децата со аутистичен спектар на нарушувања.
Неопходна е обука на здравствените работници за рано препознавање и постапување со децата со аутизам. Само рано препознавање и рана процена може да значи ран третман и најдобри посакувани резултати.
Свое значајно место во рехабилитацијата и едукацијта на децата со аутистичен спектар на нарушување имаат специјалните едукатори и рехабилитатори, кои низ неколку предмети на прв и втор циклус студии на Институт за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет од Скопје имаат подготовка за работа со лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Неопходна е сензибилизација на негувателскиот и воспитниот кадар во детските градинки за прифаќање на децата со аутистичен спектар на нарушувања. Преминувањето во основно и средно образование значи и потреба од едукација со современи методи и техники, стратегии за работа со овие деца, како и. примена на асистивна технологија во одделенска и предметна настава. Терапија низ игра, АРТ терапија, бихевиорална, логопедски третман, музикотерапија, кинезитерапија, АBА, TEACCH, PECS… се методи кои се развиваат, комбинираат и применуваат за постигнувањето на посакуваните ефекти – постигнување на максимална можна социјална интеракција, поттикнување на вербална или невербална комуникација и социјално прифатливо однесување.
Задача на секоја локална заедница е да размислува за развивање на услугите од областа на социјалната заштита, кои подразбираат развивање услуги за одмена на семејната грижа, вонсемејна заштита и дневен престој за возрасни лица со аутистичен спектар на нарушувања. Со работното ангажирање и валоризација на трудот на лицата кои според нашиот Закон за вработување не можат да бидат во редовен работен однос ќе биде задоволена потребата за важност на овие лица, но и ќе постигнеме одржливост на центрите за дневен престој. Живеење со поддршка за лицата со аутизам е нов предизвик кој не очекува како општество, а со нетрпение го очекуваат и семејствата на лицата со аутизам.
Лицата со високо функционален аутизам можат да дадат исклучителни резултати на високо образовните институции. Ова е нов предизвик на високото инклузивно образование.
Добро подготвен кадар и подготвена средина која ќе ги прифати како вредни работници на пазарот на трудот, значи заокружување на процесот на интегрална рехабилитација. Недискриминација, максимална социјална инклузија и вработување на лицата со аутизам треба да биде заложба на нашето општество.
Во текот на целата година нека трепка сино. Секој ден да спојуваме по една коцкичка од мозаикот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушувања за да создаваме подобар свет за овие лица и нивните семејства. Секоја година на 2 Април нека светне потворно силно сино во знак на поддршка, но и со јасни показатели дека во текот на годината сме постигнале видливи резултати.
Проф. д-р Наташа Станојковска-Трајковска
Институт за специјална едукација и рехабилитација
Филозофски факултет, Скопје