Меѓународен ден за сеќавање на жртвите од холокаустот
Програмата на Обединетите нации за холокаустот се обидува да го потсети светот на она што треба да биде научено од холокаустот, со цел да се спречат актите на геноцид во иднина.
Програмата беше создадена по барање на резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена на 1 ноември 2005 година. Одделот за информации од јавен карактер на Обединетите нации ја презеде водечката улога во создавање на широка иницијатива со цел за поттикнување на развојот од страна на земјите-членки на ОН на образовните програми за холокаустот, и да се мобилизира граѓанското општество за едукација и свест.
Резолуцијата за „сеќавање на холокаустот“, исто така го одреди 27 јануари, како годишен Меѓународен ден за комеморација и сеќавање на жртвите од холокаустот, со церемонии и активности во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, како и во канцелариите на ОН во целиот свет.
Повикувајќи се на Универзалната декларација за човекови права, Генералното собрание на ОН потврди дека холокаустот, кој резултираше со убиство на една третина од еврејскиот народ, заедно со голем број членови од други малцинства, засекогаш ќе биде предупредување до сите луѓе на опасностите од омраза, нетолеранција, расизам и предрасуди.
Темата на церемонијата за одбележување на холокаустот оваа 2019 година ќе биде „Сеќавање на Холокаустот: Барајте ги и бранете ги вашите човекови права“. Оваа тема ги поттикнува младите да учат од лекциите од Холокаустот, да дејствуваат против дискриминацијата и да ги бранат демократските вредности во нивните заедници, во време кога ширењето на неонацизмот и групите на омраза го поттикнуваат зголемувањето на антисемитизмот и другите форми на омраза ширум светот. Темата ја истакнува 70-тата годишнина од Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството на геноцидот.
WebOhrid