Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2020“: Современите предизвици за заштита на природното и културното наследство
Во Охрид, во Куќа Уранија (МАНУ), денеска и утре, по осми пат, се одржува Меѓународната конференција „Охрид – Водици 2020“, што ја организираат ФОН Универзитетот и Институтот за социо – културна антропологија, во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на Проучување на Културно Наследство од Баку, Азербејџан, списанието Руски политички науки од Москва, Русија, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, Флорида, САД.
Оваа година конференцијата тематски е посветена на „Современите предизвици за заштита и управување со природното и културното наследство“.
На отворањето, во името на Владата, учесниците ги поздрави министерот за дијаспора и претседател на Национачлната комисија на УНЕСКО,Едмонд Адеми, во името на градот домаќин Охрид – градоначалникот Костантин Горгиевски, а говореше и пратеникот проф. д-р Рубин Земон.
-За секое развиено општество, најголем предизвик е заштитата на природното и културното наследство. Заштитата не е опција туку обврска и должност.Нашата држава е енергично посветена на мултилатерализмот и инклузивниот дијалог, што може да се согледаи од фактот што, покрај, евро-атланската интеграција, УНЕСКО стана еден од клучните политички приоритети на нашата надворешна политика. Супериорноста и автентичноста на нашиот најпознат бисер ја потврдува и УНЕСКО, препознавајќи го Охридското Езеро како дел од светското природно и културно наследство.Регулирањето на урбанизацијата на регионот е наш приоритет, додека целта е да се овозможи одржлива и хумана урбанизација која нема да дозволи нарушување на културниот пејсаж и нерационална екплоатација и уништување на природните ресурси, напомена Адеми.
Градоначалникот Георгиески, подвлече дека овогодинешната тема на конференцијата, не само што сега е актуелна, туку тоа е постојан предизвик.
–Заштитата и управувањето со природното и културно наследство е во постојан фокус на општина Охрид. Чекорите и мерките кои моментално ги преземаме, се во корелација со препораките од УНЕСКО, а нашата намера за постојано унапредување на заштитата е веќе препознаена од меѓународните институции, рече градоначалникот Георгиески.
Како што информираше д-р Рубин Земон, годинава на конференцијата учествуваат 56 авторитети од 10 земји, со 35 трудови. Секоја година се зголемува и бројот на учесниците, заедно со нивниот научен придонес, но се зголемува и бројот на поддржувачите и соучесниците, што годинава е особено изразено. Тоа не е случајно, бидејќи врвните светски авторитети со загриженост предупредуваат на предизвиците и опасностите кои ја демнат планетата земја и сите ние мораме навреме да ги пресретнеме современите предизвици, рече Земон, повбикувајќи се на британскиот социолог Ентони Гиденс.
Веле Митаноски