23/11/2024
Охрид

Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2022“

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше дел од Меѓународната конференција  „Охрид- Водици 2022-  Глобални трендови и предизвици“  што по 10-ти пат се одржува во очи големиот христијански празник Богојавление – Водици.

 Тема на годинешното случување е  „Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој“. На конференцијата ќе бидат презентирани 42 труда, од 71 учесник и 11 земји.

Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Пецаков истакна:

– Огромна е честа   да се  биде дел од овој научен собир кој десетти пат се организира  во очи големиот празник  Богојавление – Водици во Охрид.  Јас верувам дека нема  Македонец  чие внимание не би било одвлечено од годинешната тема на која ќе се дискутира  на оваа дводневна меѓународна конференција а тоа е:  „Глобалните трендови и закани поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и оддржливиот локален/регионален развој. Нема држава без идентитет. За него не смее и не може  да се преговара со никого. Идентитетот е сржта, генетскиот код на нашето постоење и опстојување. Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар  кој ја промовира Република Македонија како земја  која доследно се грижи  за своето минато, сегашност и иднина. Вредното културно наследство кое го поседува Охрид, го сочувале генерациите пред нас, а тоа доследно треба да го правиме и ние. Охрид е ризница на бројни артефакти кои датираат пред новата ера.  Секогаш е потребна поголема и поагресивна  промоција на целокупната охридска археолошка слика, на сите културни  добра со цел Светот  јасно да го види цивилизацискиот континуитет на Македонија. Материјалните и духовни блага се дел на нашата култура која е нашиот белег,а минатото е содржано во нашата историја што значи дека таа е неменлива во секоја смисла на зборот.   Затоа треба да го вреднуваме она што го имаме, за и другите да не почитуваат нас,нашето минато и сегашност, нашето постоење. Упатувам благодарност до организаторите на овој Собир, со желба наредната година да се состанеме во добро здравје  со надмината здравствена криза поради Пандемијата од КОВИД  19.- рече градоначалникот Пецаков

 Учесниците на конференцијта  ги поздрави и Националниот координатор за Едно општество и интеркултурализам при Владата на Република Северна Македонија , м-р. Роберт Алаѓозовски.

Поради светската пандемија на КОВИД-19, оваа година конференцијата ќе се одржи хибридно со физичко присустви и on-line преку платформата ZOOM.

Организатор на настанот е  Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција списанието Руски политички науки од Москва, Русија, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, Флорида, САД. Конференцијата завршува на  19 јануари.


WebOhrid / 17.01.2022 / Општина Охрид