Mеморијален турнир во мал фудбал “Бранители 2001“
“Најнапред дозволете ми да се заблагодарам не само за поканата денеска да бидам дел од овој настан, туку и за укажаната чест да го отворам овој традиционален меморијален спортски турнир посветен на споменот на сите наши загинати бранители“.
Ова, меѓу другото, денес во Крива Паланка го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод одржувањето на Традиционалниот меморијален турнир во мал фудбал “Бранители 2001“, што во чест на загинатите припадници на МВР од овој крај се одржува 17-та година по ред.
“Во оваа пригода сакам да истакнам дека меморијалниот карактер на фудбалскиот турнир има крајно благородна цел, во името на ненадоместливата загуба на нашите бранители-херои. Цел која што во името на нашата совест и во име на највисоката вредност – човечкиот живот – треба постојано да не потсетува, како луѓе и како општество, никогаш да не заборавиме за жртвите и обврските кон нив“, нагласи Спасовски.
Инаку, министерот Спасовски пред свеченото отворање на турнирот, заедно со делегација од министерството за внатрешни работи положи цвеќе пред споменикот на Бранителите во кругот на Полициската станица Крива Паланка.