Мерката за укинување на давачки за увоз на замрзнато свинско месо дава позитивни резултати
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за економија м-р Крешник Бектеши oстварија средба со Групацијата на преработувачи на месо и производство на месо во Стопанската комора на Македонија. За време на средбата беа презентирани резултати од воведувањето на мерката за укинување на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо за потребите на преработувачката месна индустрија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата во соработка со производителите и преработувачите на месо креираше мерка со која практично месо-преработувачката индустрија се спаси од колапс. Мерката за укинување на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо за преработувачката индустрија беше креирана за да ја подигне конкурентноста на компаниите на домашниот, но и на меѓународните пазари, а ефектите од нејзиното воведување се многу позитивни.
„Преработувачките капацитети за месо беа во тешка ситуација, работеа со 28% од својот капацитет, а во домашните трговски објекти беше забележително присуство на сувомесни производи од странство, во најголем дел од соседните земји. Тие се соочуваа со ситуација кадешто имаше царина за увоз на сурово месо за преработка, додека за сувомеснати производи нема царина, што многу влијаеше на цената на производството и конкуретноста на нашите компании. Мерката ја конципиравме за да не направи никаква дисторзија на пазарот со месо, а во периодот откога се имплементира резултатите се охрабрувачки. Производството на месо во првиот период на имплементација на мерката е зголемено за 6,64%, додека извозот на сувомеснати производи е зголемен за над 40%, со што практично од увозна земја, Република Северна Македонија стана извозник на сувомеснати производи“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот подвлече дека Владата ќе продолжи силно да ја поддржува индустријализацијата, како главен столб на одржлив економски развој, при што нагласи дека во 2018 година забележан е раст на индустриското производство од 5,4% и раст на извозот од околу 17%, директните странски инвеститори се во различни фази на изградба на 17 нови производствени капацитети, а околу 250 компании се поддржани преку мерките од Планот за економски раст.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека второто продолжување на мерката е направено по опсежните анализи и консултации со преработувачите од месната индустрија и со фармерите, како и поради исклучително позитивните резултати од првите шест месеци од воведувањето на мерката.
„Имаме раст на производството на сувомеснати производи и раст од над 40 отсто на извозот на сувомеснати производи. Истовремено се забележува намалување на увозот на свежо свинско месо од 14,3 % како и намалување на увозот на производи од месо од над 10,5 %. Тоа значи дека оваа мерка воопшто не го наруши домашното производство на свежо свинско месо. Од 1-ви декември лани до 18- ти овој месец се извезени производи од месо во вкупна количина од 880 илајди килограми, што значи дека позитивниот тренд продолжува. Еден од аргументите кој што беше при носењето на оваа одлука беше ниската искористеност на преработувачките капацитети во оваа индустрија и опасноста од колапс на оваа индустрија. Денеска заклучуваме дека имаме и во дел раст, а искористеноста на капацитетит од 28 % е зголемена на 40 %“, нагласи министерот Николовски.
При тоа, Николовски посочи дека МЗШВ преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку мерките од ИПАРД 2 програмата, ќе ја продолжи поддршката на оваа гранка, како важен сектор за развој на земјоделството и на севкупната економија.
Гоце Трајчев, претседател на Групацијата на преработувачи на месо и производство на месо, искажа благодарност до Владата, за воведувањето на оваа мерка со која е спречен колапс на месо-преработувачката индустрија. Тој се согласи дека мерката дава позитивни резултати, пришто додаде дека индустријата ќе се залага за усогласување на европските регулативи и изедначување на условите за функционирање на месо-преработувачката индустрија со цел уште повисока конкурентност на македонските компании на домашниот и меѓународните пазари.