Мерко: Работиме на трајно решавање на проблемот со струшката депонија
Најголемиот проблем во 2017 година со кој се соочија жителите на Струга, беше еколошката катастрофа – запалената депонија, која го исполни градот со чад во екот на туристичката сезона. Според струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, виновникот за тоа е минатата Локална власт.
„Тврдам дека во мое време до 2013 година ние трошевме некаде околу 1 милион денари за одржување на депонијата и таа беше цакум-пакум одржувана, никогаш немаше запалување, бидејќи немаше простор од каде да се запали. Ја одржуваше фирма која имаше десетина камиони и секоја недела или на две недели се што се средуваше се покриваше со земјиште, така што немаше услови за запалување. Проблемот што се створи со депонијата во минатиот период е кривица на Локалната самоуправа и фирмата која беша избрана. Не дека сакам да критикувам, туку тие беа неодговорни во целост. Фирмата која беше избрана од страна на минатиот Градоначалник имаше само еден трактор за одржување на депонијата. Депонијата не може да се одржува со трактор, а тендерот имаше 6 пати поголема цена, значи 6 милиони денари се давале за одржување на депонијата. Тоа е таканаречена кражба и неодговорност. Ние тоа нема да го дозволиме, ќе сме одговорни во тој прилог, а работиме пополека тој материјал да го пренесеме каде што му е местото.“ – изјави за WebOhrid, градоначалникот Мерко.
Како што рече градоначалникот Мерко, новата Локална самоуправа ќе работи на трајно решавање на проблемот со депонијата. Веќе се планирани средства во новиот буџет на Општина Струга, а издвоени се и средства од буџетот на Државата.
WebOhrid