Месец на бугарскиот филм во Кинотеката на Македонија
По повод претседавањето на Бугарија со Советот на Европската Унија, во Кинотеката на Македонија од утре (1 февруари) започнува манифестацијата „Месец на бугарскиот филм“…
Манифестацијата ќе започне со проекција на бугарскиот филм „Лузери“ во режија на Ивајло Христов, кој ќе биде присутен на проекцијата. Покрај него ќе присуствуваат и продуцентот на филмот Асен Владимиров и специјалниот гостин од Националната филмотека на Бугарија, филмологот Росен Спасов, кои по завршувањето на проекцијата ќе учествуваат во дискусија за филмот под водство на Ивана Смилевска.
Манифестацијата ќе продолжи на 8 февруари со проекција на филмот „Мајмун“ на Димитар Коцев, а на 15 февруари ќе биде прикажан филмот „Слава“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов, филм што на сатиричен начин со неорeалистична леснотија дава приказ на современото бугарско општество. Филмот „Скршнување“ на Гриша Островски и Тодор Стојанов, кандидат за венецискиот Златен лав во 1967 година, еден од позначајните наслови од доцните шеесетти, ќе биде прикажан на 22 февруари, како и „Пијте само шуменско пиво“, петнаесетминутниот рекламен филм за Шуменско пиво, најстар зачуван спот за популаризација на еден производ. Програмата продолжува на 23 февруари со документарниот филм „Мал-голем“, „филм за малите групи“ и нивните „мали хитови и големи мечти“. На 24 февруари на програмата е „Насоки“, филм од поновата бугарска продукција со кој за првпат Бугарија учествува во „Посебен поглед“ во Кан.
Програмата ќе биде заокружена со филмот „Мисија Лондон“ во режија на Димитар Митовски, кој ќе се прикажува на 25 февруари и е еден од најгледаните бугарски филмови на сите времиња.
Програмата е селектирана и реализирана со помош на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Националната филмотека на Република Бугарија. Влезот за проекциите е бесплатен.