Мешеишта ќе добие мини-винарии
Во рамки на Проектот на Владата за изградба на мини-винарии, како активности насочени кон подобрување на севкупната туристичка понуда на земјата, но и како можност за отворање нови работни места, во охридскиот регион ќе се градат четири нови винарии. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, кој денеска во Охрид учествуваше во работата на 37-то Советување за заштита на растенијата во Македонија, соопшти дека минатата седмица по пат на јавно наддавање биле продадени четири локации во атарот на охридското село Мешеишта, предвидени за изградба на такви објекти.
Станува збор за четири парцели државно земјиште, со површина од околу 25 илјади метри квадратни, со соодветна градежна маркичка до осум илјади метри квадратни.
„Таквите објекти ќе значат дополнителна туристичка атракција за Охрид, но и начин за поттикнување на стопанството оттаму што новите сопственици на парцелите планираат во секоја од мини-винариите да вработат по 25 лица“, – изјави Коњановски.
Според најавите на инвеститорите, изградбата на новите мини-винарии е предвидено да отпочне веќе со почетокот на наредната градежна сезона.