Метаморфозис: Директно доделување јавни пари во медиумите води кон контрола на медиумите
Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамките на своите заложби за слободни, независни и професионални медиуми, смета дека државната финансиска помош за медиумите не треба да се врши преку директно доделување средства. Помошта треба да се доделува преку други начини, како што е намалување на даночните стапки и ослободување од давачки при вработување за новинари и да биде наменета само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми.
Трендот на намалување на рентабилноста, ниски приходи, отпуштање на новинарите и медиумските работници, како и затварање не медиумите во голема мерка ги зафати и конвенционалните медиуми во Република Северна Македонија (печатени и електронски). Во претходните неколку години се затворија трите најголеми дневни весници во земјата („Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“) и една национална телевизија („ТВ Нова“). Гаснењето на овие медиуми не беше резултат само на пазарните услови туку и на управувањето со компаниите за што реагираа и органите на прогонот но и резултат на интензивно политичко мешање во уредувачките политики на медиумите, поради што стотици новинари и медиумски работници останаа без ангажман.
Северна Македонија, исто така, изминатите години го привлече светското внимание со „фабриката“ за дезинформации и лажни вести за време на претседателските избори во САД во 2016 година. Дезинформациите, манипулациите и лажните вести овде не се ништо ново и Фондацијата Метаморфозис, препознавајќи го овој проблем почна да се занимава со проверка на факти уште во 2011 година преку „Вистиномер.мк“, како и од 2013 година преку Сервисот за проверка на факти во медиумите. Но, од 2016 година наваму степенот на манипулации, дезинформации и лажни вести како и бројот на медиуми кои ги објавуваат или пренесуваат истите, се зголеми повеќекратно.
Ниската рентабилност на медиумите во Северна Македонија не влијаеше на зголемување на квалитетот на новинарството, на пронаоѓање на иновативни начини на презентирање на вестите, на воведување на новинарство базирано на податоци, како и изнаоѓање на различни извори на финансирање.
Во изминатата деценија медиумите во земјата беа држени под строга контрола преку систем на исплати на јавни средства прибрани од даночните обврзници, како и преку поставување на „подобни“ уредници и новинари во редакциите. Контролата беше сеопфатна во сите медиуми, вклучувајќи печатени, електронски, онлајн, национални, локални медиуми.
Директното доделување јавни средства на медиумски куќи, кои во својот состав имаат повеќе медиуми многу лесно може да дојде во конфликт со законски предвидените ограничувања содржани во Законот за контрола на државната помош и Законот за заштита на конкуренцијата.
Во вакви случаи, исклучително тешко би било да се мониторира и утврди како и каде се потрошени доделените средства, односно дали тие се користат за предвидениот медиум или за предвидената намена.
Неретко медиумските куќи во земјата се дел од конзорциуми или групи на компании со комплексна сопственичка структура. Ваквите бизниси имаат интереси во повеќе стопански дејности кои немаат допирна точка со медиумите. Покрај економските, тие имаат и политички интереси, кои ги остваруваат преку лобирање и поврзаност со политичките партии.
Во таква ситуација, директното доделување на јавни средства ги става медиумите во позиција која води кон подривање на уредувачката независност и медиумската слобода, кон нарушување на интегритетот и зголемено политичко влијание.
Поради погоре наведеното, Фондацијата Метаморфозис смета дека е исклучително важно да се укаже на ризиците и последиците кои што може да произлезат од директно субвенционирање на медиумите со доделување јавни пари.
Поаѓајќи пред сè од домашната пракса, а имајќи ја предвид и европската пракса, особено Препораката до земјите членки за обезбедување на медиумски плурализам и транспаретно сопствеништво врз медиумите на Комитетот на Министри на СЕ (2018); Декларацијата на Комитетот на министрите за финансиска одржливост на доброто новинарство во дигиталната медиумска ера (2019); мислењето на Фондот за медиуми на Швајцарија, изразено во публикацијата „Помош за медиумите: моментална состојба и препораки за во иднина“, Метаморфозис смета дека:
- Финансиската помош за медиумите не треба да биде преку директно доделување средства. Потребно е да се изнајдат други начини финансиски да им се помогне на медиумите.
- Помошта треба да се доделува само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми. Критериумите и етичките стандарди на она што се нарекува професионално новинарство се јасно дефинирани и достапни на јавноста преку Кодексот на новинарите.
- Државата може да им понуди помош на медиумите со:
-
- Поттикнување на вработување новинари преку ослободување од дел од давачките;
- Намалување на соодветните даноци, пред сè ДДВ за медиумите;
- Ослободување од царински и даночни давачки на увоз на нова и современа опрема;
- Ослободување или намалување на давачките за медиумски „старт-ап“ бизниси, односно компании чии сопственици немаат други извори на приходи;
- Обезбедување услови за тренинзи и обуки на новинари (обезбедување простор, покривање на дел од трошоците за обуката);
- Субвенции за образување и до-образување на новинарите и медиумските работници;
- Непарична помош за создавање тимови за проверка на факти во поголемите редакции или за медиуми кои веќе работат на проверка на факти, како особено важна алатка и истражувачки метод во новинарството со кој може да се засили борбата против дезинформации и манипулации;
- Олеснувања од страна на локалната самоуправа (од физички простор до ослободување од разни давачки, како што е на пример фирмарината);
-
- Непарични субвенции кои тука не се споменати, а кои во натамошна јавна расправа би произлегле како идеи од претставниците на медиумската заедница.
- Потенцираме дека е потребна поширока и подолга јавна расправа помеѓу сите засегнати страни пред да се донесе крајното решение за видот и начинот на субвенционирање на медиумите, а решението под ниту еден услов не смее остави простор за влијание врз уредувачката политика и контрола на медиумите.