27/11/2024
Охрид

Мицкоски: Да се обединиме сите заедно и да ги поддржиме Гордана Силјановска Давкова за Република Македонија и Митре Милошевски за Охрид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со жителите во населено место Велгошти.

На средбата претседателот Мицкоски побара поддршка и обединетост од граѓаните за Гордана Силјановска Давкова која што е кандидат за претседател на Република Македонија, како и за кандидатот за градоначалник на општина Охрид д-р Митре Милошевски.

Мораме да застанеме  еден до друг, јас ве молам, човечки е да ве замолам да не поддржите во оваа наша мисија која што е пеколно тешка, но не се плашиме. Влеговме во овој предизвик одлучни како никогаш досега. Ве молам за ваша поддршка, за сплотеност и обединетост околу овие двајца луѓе. Затоа што тоа се честити,стаменити горди Македонци и Македонки кои што ќе го вложат сиот свој човечки интегритет, сиот свој кредибилитет, целата своја биографија за да пеколно работат за охриѓани и за Македонија, посочи Мицкоски.

Тој истакна дека на Република Македонија како и на Охрид им требаат луѓе кои цврсто ќе застанат со граѓаните и ќе работата во нивен интерес се со цел да им овозможат квалитетен живот, нагласувајќи дека не победуваат побројните, туку победуваат помотивираните и храбрите, а токму Силјановска Давкова и Милошевски се такви.

Да ве потсетам, ниту побројните ниту помоќните победуваат, победуваат помотивираните и храбрите, а јас овде гледам честити мотивирани, храбри луѓе ве молам да ни помогнете, за да можеме сите да си помогнеме и да победиме најпрвин  на 21 април овде во Охрид, а потоа и на 5 мај ширум цела Македонија, рече Мицкоски.