Мицкоски: Договорот на Заев е капитулација, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи
Почитувани,
Денес е тежок ден за Република Македонија. Пред малку видовме прес конференција со која поразот, се прикажува за лажна победа, а она што е стекнато многу порано како наше природно и неоспорно право, правото на јазик и националност, да се прикаже за издвојувана победа во преговорите со нашиот јужен сосед. Тоа е нешто што ние го имаме загарантирано и пред самиот овој таканаречен договор, многу порано и исто така јасно кажано и напишано во Обединетите Нации.
Колку и да се обидува Зоран Заев да демонстрира еуфоричност, со сила да се насменува и вештачки да делува среќно, се гледа од далеку дека ова е пораз. Тоа е чувството кај граѓаните. Потиштеност и горчина.
Целосниот процес на преговори се водеше во тајност, и со екстремен егзибиционизам од македонската влада и Зоран Заев. Опозицијата, и ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија не беше вклучена во разговорите за ова најважно прашање. Сега е веќе јасно зошто.
Ова не го велам затоа што ние се тргаме на страна од целиот процес, туку затоа што Зоран Заев го монополизираше истиот.
Единствено што се случи денеска е телефонски разговор кој што го имав со Зоран Заев веднаш по постигнувањето на договорот со неговиот грчки колега Ципрас.
Во суштина навестениот таканаречен договор е прифаќање на сите грчки позиции, и во својата основа не може да се нарече ништо повеќе од таканаречен договор.
Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација! Повторувам договор за капитулација!
Лошиот исход е резултат само поради единствена причина а тоа е неспособноста на Зоран Заев и невештата дипломатија која што ја водеше во изминатиот период.
Зоран Заев покажа нестабилност, недостоинственост, покажа и континуирана променливост на сопствените лични ставовите, недостоинствено за премиер на држава.
Најпрво беше против промена на Уставот, потоа прифати географска одредница, за да подоцна ја убедува македонската јавност дека со промена на уставот и решението Илинденска Македонија го потврдува идентитетот. Со ова го испрати министерот за надворешни работи и гордо пред македонската јавност кажуваше дека друго решение за него е неприфатливо. Но, како што многу пати во минатото направи, така тогаш така и денеска излажа. Ова е тежок егзибиционизам на штета на сопствената државата.
Ова е премногу сериозно прашање и затоа бараме таканаречениот договор кој што Зоран Заев има намера да го потпише со Ципрас, веднаш да ни го достави.
Денеска од прес конференцијата слушнав дека ја информира јавноста дека во текот на утрешниот ден, поради однапред планирани обврски ќе бидам отсутен од државата, ја користам оваа прилика да ја информирам јавноста дека сите мои однапред планирани обврски кои што подразбираат состаноци надвор од Македонија во овој период ги откажав и сум во Република Македонија.
Дополнително потребно е разјаснување на целокупната ситуација и изјаснување околу надлежностите и ингеренциите на институцијата повикана за водење на процесот на склучување меѓународен договор, односно која институција е надлежна и има ингеренции да склучува меѓународни договори од ваков тип, дали Владата на Република Македонија или Претседателот на државата.
Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се познати, непроменети и прецизни. ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од своите принципи и уверувања.
ВМРО-ДПМНЕ НЕМА ДА ПОДДРЖИ ПРОМЕНА НА УСТАВОТ А СО ЦЕЛ ПРОМЕНА НА УСТАВНО ИМЕ!
Доколку Зоран Заев се обиде шверцерски капитулацијата да ја протне низ собраниска процедура, мора да знае дека референдум мора да има, и тој мора да биде задолжителен, а не консултативен како што се обиде повторно денеска шверцерски на прес конференција да и го протне на македонската јавност
Политиката е прашање на принципи и вредности, во кој јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ цврсто верувам и на кои принципи ќе опстојам и јас и сите во партијата.
Оној кој отстапува од таквите принципи покажува дека воопшто немал принципи. И оној кој тоа ќе го преставува за некакво визионерство треба да ја каже и цената за таквите компромиси, а таа цена овој пат со Зоран Заев е преголема и прескапа за Република Македонија.
Штета што сега се прави е огромна, и државата се турка во неповратен амбис.
Ние сме за ЕУ и НАТО членство, многу повеќе од сите други, и тоа ќе остане нашата цел за која ќе настојуваме и ќе придонесуваме, но напредокот и интегрирањето таму мора да биде ценето по мерит систем т.е. по сработената работа, а не по предавствата и капитулациите како што денеска Зоран Заев се обиде да им ги претстави на македонската јавност.
Со ваквите договори како денес Македонија губи. И не смее да продолжи да губи, затоа што на Македонија и се потребни победи. Јас верувам во граѓаните и во нивниот капацитет. И ќе продолжам непоколебливо, цврсто и силно да верувам и работам за Република Македонија.