24/11/2024
Македонија

Мицкоски: Ги штитиме интересите на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е против двосмислени прашања на референдумот

Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Видовте човек кој што е во паника и кој што се служи со лични квалификации и невистини, ќе се обидам да бидам гласот на разумот и накратко да се обидам да го објаснам текот на денешниов ден кој што беше неколку часовен. Морам да кажам уште на самиот почеток дека главната разлика беше во вториот дел од денешниот состанок, од денешната лидерска средба во овој формат во која што ја видовте дека се случува, околу текстот на евентуалното референдумско прашање.

Но, пред да дојдам до тоа, би сакал денот да го поделам во два дела како што е и редот. Во првиот дел од денот разговаравме околу начинот на формирање на Државната Изборна Комисија, околу усвојување на предлог Законот за финансирање на политичките партии и околу измените во Законот за влада што би значело формирање на техничка влада по пржинскиот принцип и истовремено повлекување на оној предлог Изборен Законик кој што владата претходно го донесе, а имаше за цел да го намали бројот на потребното мнозинство што би значело усвојување на новите членови на Државната Изборна Комисија.

Тоа беше во првиот дел од денот и ние за тоа се сложивме и постигнавме согласност и веќе во парламентот, работните групи работат на усогласување на овие законски решенија, но и нивно понатамошно усвојување. Што значи дека на нормален начин не на девијантен начин, Република Македонија ќе добие нов состав на Државната Изборна Комисија, ќе добие нов Закон за финансирање на политичките партии, што ќе обезбеди финансиска стабилност, но и отчетност и транспарентност на трошење на парите на политичките партии и ќе добие нови измени во Законот за влада со дефинирање на поимот техничка влада по пржинскиот модел која што ќе гарантира фер и демократски избори и изборен процес кога тој и да се случи, дали тоа ќе биде на едни предвремени избори или на некој редовни парламентарни избори во иднина.

Во вториот дел ги отворивме двете прашања кои што се поврзани со евентуалниот референдум. Првото прашање е за карактерот на референдумот, а второто е за текстот на референдумот. Можам да кажам дека зборувавме и за деталите на овие две теми околу карактерот на самиот референдум, но и текстот поврзан со евентуалното референдумско прашање.

Ние ги застапувавме интересите на граѓаните со почитување на законите и Уставот коишто се однесуваат на овие две теми, околу карактерот на референдумот и содржината на референдумското прашање. Имајќи предвид дека парламентарното мнозинство е тоа коешто е надлежно да распише референдум, но, и да го дефенири референдумското прашање. Се обидувавме правно да го аргументираме нашиот став и да спречиме евентуално понатамошно насилие во делот на распишување на самиот референдум, карактерот на самиот референдум, но и евентуалното референдумско прашање.

Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав, односно да има едно значење, а не да биде поврзувано со повеќе значења. И тука имаме генерално разлики со парламентараното мнозинство, и во делот околу карактерот референдумот што мислам дека ќе ги приближиме ставовите, односно, генерално имавме приближување околу ставовите што мислам дека успешен се смета оној референдум според Уставот на кои се исполнети два кумулативни улови. И тоа првиот услов да излезеноста на таквиот референдум биде поголема односно да биде 50% плус еден, и минимум 50 % плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласа „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање.

Тоа е она кое што подразбирало успешен референдум кое што повторно ќе кажам може да го распише единствено парламентарното мнозинство, и тука ние како опозиција се обидуваме да влијаеме во делот на тоа да не повторно се кршат законите, процедурите и Уставот, да биде тоа на еден нормален начин на којшто ќе биде соодветен на законите и Уставот, со други зборови ги штитиме интересите на граѓаните.

По второто прашање, иако може по првото имавме некакво приближување, по второто прашање имавме сериозно развидување бидејќи ние не можеме да се сложиме со прашање коешто ќе биде повеќезначно, односно ќе има повеќе значења. Ние сме за прашање коешто соодвестува и на ставот и на нашата партија којшто е конзистентен во изминатите години, се однесува на договорот евентуален кој би се постигнал и ќе има едно значење.

Отприлика тука ја завршив денешната средба, нормално поради претходно договорени обврски, претседателот на Владата мораше да замине, барем така ни беше кажано, претпоставувам и на вас тоа истото ви го кажал. Така што еве ова би била сумарната анализа на тоа што денеска после неколку часовни разговори и преговори се случуваше овде во Клубот на пратеници.