23/11/2024
Охрид

Мицкоски: Ќе ја обновиме Македонија од пепелот кој што ќе го наследиме од СДСМ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно во придружба со носителот на изборна единица 5, Игор Дурловски ја посетија населбата Велгошти, Охридско при што остварија и средба со мештаните. 

– Благодарам на сите денес што сме овде, за да го отпочнеме победоносниот кас кој што ќе заврши на 15-ти јули со една голема историска победа на Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, наречена „Обнова за Македонија“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека сака да се заблагодари на сите основачи, ветерани, на месниот комитет во Велгошти, на сите кои што изминативе години поминале време работејќи за Македонија, а помагајќи го ВМРО-ДПМНЕ.

– За претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за мене лично секогаш претставува предизвик и чест да стојам пред вас, и да се заблагодарам, и да ви се обратам за сето она кое што е позади нас и за сето она кое што стои пред нас. Затоа капа доле, ви благодарам за се што направивте изминативе години, и за Македонија, и за ВМРО-ДПМНЕ, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека не сака да звучи надмено и сака да биде реален и побара рекорден резултат на овие предвремени парламентарни избори кои што ќе се случат за неколку недели од денес.

– Сигурен сум во волјата и мотивот на Велгоштани да ја победат најпрвин оваа пандемија која што не снајде овие три години, олицетворена во ова раководство на СДСМ предводена од Зоран Заев. А, потоа заеднички да си ја обновиме нашата Македонија, онаа Македонија, онаква каква што сите ние си ја сакаме. Да ја обновиме и онаква да биде каква што ние сонуваме да биде. Затоа 15-ти јули е денот кога јас сум сигурен дека овде во Велгоштани ќе се случи и можеби историски најголемата победа која што некогаш се случила некои избори во изминативе години од независност на нашата Македонија, додаде Мицкоски.

Мицкоски потсети дека изминативе три години поради СДСМ Македонија претрпе безброј порази, недостоинство, грабеж, криминал.

– На тоа нивно „Можеме“ односно можеа, ние одговараме „Исправи се Македонијо“. Исправи се Македонијо, доста  овој народ се чувствува граѓанин од втор ред. Ќе докажеме и ќе покажеме дека овој народ си ја љуби и си ја сака сопствената држава. И ќе ја обновиме од пепелот кој што ќе го наследиме, од пепелот кој што го втурна овој народ, оваа држава, ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, нагласи Мицкоски.

Мицкоски вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи секој срам кој што и го нанесоа  СДСМ на Република Македонија.