23/11/2024
Македонија

Мицкоски: Лудилото продолжува – Денеска се жртви Спире и Миле, утре ќе биде секој еден од вас

Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Лудилото продолжува. Она што вчера го најавивме денеска има свое продолжување. Оваа криминална, непотистичка и насилничка власт го покажува вистинското свое лице преку институциите со кои што раководи.

Денеска се жртви Спире и Миле, утре ќе биде секој еден од вас. Затоа треба секој еден од вас да си го постави прашањето во каква држава сака да живее и каква влада сака да ги управува оваа држава.

Денеска ова што се случи е преседан во поновата историја на Република Македонија. Државата не успеа да ги заштити животите на двајцата притвореници и за ова треба да има одговорност. И не само од оние структури на ниво на позорникари или луѓе кои што се грижат за безбедноста на затворениците во притворското одделение во затворот Шутка, туку треба да сноси конечно одговорност најповиканиот за сето ова, премиерот, деспотот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.

Ова е преседан од историски размери. Од денеска почнува насилничката историја на Република Македонија да се испишува.

Повторно ќе кажувам, денеска се Спире и Миле, а утре ќе биде некој од вас. Затоа треба да размислите што се случува денеска во Република Македонија.

Деспотот тоне и во тоа тонење повлекува се со себе.

Веднаш оставка од овие луѓе, формирање на влада за спас на Македонија и веднаш ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира меѓународниот фактор, ќе го информира Комитетот за заштита и превенција од тортура при Советот на Европа и сите релевантни меѓународни институции.

Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода која што ќе може во периодот што следува да ги испере. Срамота и навистина ако е ова примерот на демократските институции, ако ова е животот кој што се донесе во Република Македонија, нека им служи на чест.

Граѓаните на Република Македонија ова нема да го заборават и за сите овие злодела ќе ги казнат насилниците и сторителите.

Уште повеќе ме загрижува фактот што никој не најде заскодно да излезе и да ја признае грешката пред македонската јавност, туку напротив преку евтин ПР се втурнуваат луѓе во дополнителни проблеми, во дополнителна жива кал да правдаат нешто со изговори кои што не постоеле.

Замислете Миле и Спире, луѓе кои во животот мравка не згазиле ги провоцирале луѓето кои што ги нападнале физички, ги измасакрирале и со модрици ги пратиле во болниците во Република Македонија. И тоа го кажуваат институциите во Република Македонија кои што ги води деспотот Зоран Заев.

Наместо да признаат, еднашка да се охрабрат и да кажат погрешивме и за ова што се случи некој ќе сноси одговорност. Срамота и ова е црн ден. По црн не може да биде за демократијата и за Република Македонија.