Мицкоски оствари работен ручек со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата за Подобра Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес оствари работен ручек со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата за Подобра Македонија.
На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, како и во однос на процесот за изнаоѓање на решение за името со кој раководи владата на Република Македонија.
Заедничка беше согласноста дека Владата не споделува информации и процесот на преговори за името го води на максимално нетранспарентен начин што одава впечаток дека се крие нешто од очите на јавноста.
Токму затоа произлегува потребата од лидерска средба на која премиерот и министерот за надворешни работи би информирале за детали околу разговорите за името.
Воедно беше постигната заедничка согласност дека премиерот и владата нема монопол над носењето на решение за вакво чувствително прашање кое ги засега сите граѓани на Република Македонија.
На средбата се изрази и загриженост за економската состојба која постојано се влошува и изневерените очекувања на граѓаните. Државниот и јавниот долг постојано се зголемува и достигнува рекордно ниво, а граѓаните не живеат подобро.
Коалициските партнери изразија и загриженост за политичкиот терор кој го практикува власта, базиран на страв и владеење со уцени и заплашувања. Нема ниту напредок на патот кон Европската Унија и НАТО наспроти ветувањата на владата за откочување на процесите.