23/11/2024
Македонија

Мицкоски: Пендаровски противуставно без доказ за мнозинство го узурпираше мандатот во рацете на пратеникот Заев

Интегрален текст од прес конференција на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ 

Почитувани,

Денес од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски беше прекршен Уставот. Без никаков доказ кој е неопходен за поседување на парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, тој го додели мандатот за состав на нова Влада на пратеникот Зоран Заев.
Без доказ, без потврда дека поседува мнозинство Пендаровски го додели мандатот за состав на нова Влада.

Од тука, од овој момент не може никако поинаку да се опише оваа состојба освен дека мандатот е узурпиран. Би рекол киднапиран и во рацете на човек како Зоран Заев.

Ова претставува продолжување на неславната пракса на кршење на Уставот, при што сега активен учесник е и претседателот на државата.

По кој критериум Пендаровски одлучи мандатот да го додели на партија и човек кој не достави доказ дека поседува мнозинство во парламентот? Ќе ве потсетам самиот тој велеше дека ќе ги повика сите политички чинители на разговор кај него, разговор кој што до ден денешен додека да го додели мандатот воопшто и не се случи.

По таа логика мандатот без доказ може да се додели во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кој пак освои најмногу пратеници во македонскиот блок. Или на ДУИ, на ДПА, на Левица, Алијанса, Алтернатива, или на било која друга политичка партија која што е во парламентот.

Уставот е прекршен, а Стево Пендаровски е активен учесник во сето тоа. И ова не е случаен преседан, туку таквото делување без кичма и став прераснува во традиција.

Ќе ве потсетам дека претседателот на државата беше активен учесник во злоупотребите на инструментот вонредна состојба, каде ја продолжуваше толку долго, и толку пати, колку што на Заев му беше потребно да направи институционален поткуп за време на завршените предвремени парламентарни избори. Наместо да се справува со Ковид кризата тие продолжуваа вонредна состојба во која што менуваа закони, исплаќаа поткуп, носеа уредби за рекламен простор во медиумите во кои се дава предност на СДСМ, менуваа Изборен Законик.

Стево Пендаровски како претседател не кажа ниту еден збор за покачувањето на цената на електричната енергија со која директно се удира по стандардот на граѓаните. Не кажа ниту еден збор за пропаѓањето на банка, со која се нанесува штета на граѓаните и бизнисите во оваа земја. Не кажа ниту еден збор за катастрофално лошото справување со Ковид кризата каде цехот се плаќа со животите на граѓаните. Не кажа ниту еден збор за случаевите на криминал и корупција каде се вмешани луѓе од актуелната Влада. Не кажа ниту еден збор за тоа што Македонија и граѓаните во Македонија денеска се во затвор и не смеат да патуваат во земјите членки на ЕУ до крајот на месец септември, а како што стојат работите најверојатно таа забрана ќе продолжи и во месеците после септември. Не кажа ниту еден збор за економското цунами. Не кажа ниту еден збор како поранешен просветен работник за неизвесноста за започнување на учебната година. Но денес го видовме како го дава мандатот на пратеник кој нема мнозинство во парламентот.
Од овој момент секој еден граѓанин треба да знае дека кога ќе се спомене во државата криминал и хибриден режим на Зоран Заев, негов составен дел и соучесник е Стево Пендаровски.

Стево Пендаровски покажа дека не е претседател на сите граѓани, а најмалку заштитник на Уставот. Туку за жал покажа дека е пиум, извршител во рацете на неговиот партиски шеф Зоран Заев.

Ваквото узурпирање на мандатот е со цел да се добие дополнително време во кое претседателот на СДСМ, кој инаку самиот признава дека нема мнозинство но ќе ги искористи овие 20 дена врз основа и на претходното искуство кое го видовме да прави непринципиелен и нехуман притисок и уцени врз пратеници за да обезбеди мнозинство во парламентот.

Уставот е јасен, потребен е доказ за поседување на мнозинство врз основа на кој се доделува мандатот. Се друго е кршење на Уставот.
Од тука со оглед на тоа дека претседателот на државата Пендаровски не кажа ниту збор покачувањето на цената на електричната енергија, за слабеењето на стандардот на граѓаните со тоа што повеќе од 100.000 наши сограѓани живеат со помалку од 50 денари на ден. Не кажа ниту еден збор за изборниот грабеж, беше активен соучесник во злоупотребите на вонредна состојба. Молчи за криминалот и корупцијата, а денес со обично читање бројки и членови на Уставот, без посебна експликација го додели мандатот на пратеникот Зоран Заев.

Затоа во името на повеќе од 315.000 граѓани кои го дадоа гласот за ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „За обнова на Македонија“, како и во името на другите кои не се согласуваат со ваквото кршење на Уставот во 15:30 часот со пратениците дел од пратеничката група ќе дојдеме пред канцеларијата на претседателот на Водно при што бараме итна и неодложна средба на која што ќе објасни врз основа на кој доказ го убедил пратеникот Зоран Заев дека поседува мнозинство и му го доделува мандатот.

Очекувам средба на која ќе се разговара конкретно и без одлагања, не смееме да премолчуваме на кршењето на правото и подривање на правната држава.