26/11/2024
Охрид

Михаил Трендафилов – Нанче e кандидат на ГДУ за градоначалник на Охрид

Михаил Трендафилов- Нанче е кандидатот на партијата Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) за градоначалник на Охрид. Кандидатурата на Трендафилов беше претставена денеска во новите простории на локалниот клуб на партијата во градот Охрид. Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) е првата партија која промовира кандидат за градоначалник на Охрид. Нивната цел е фундаментана промена на општеството како заедница на слободни и одговорни индивидуи кои се суверени и еднакви пред Уставот и Законите на Република Македонија.

Како основни проблеми со кои се соочува општина Охрид, во својот говор, претседателот Петар Колев ги посочи:

Презадолженоста на општина Охрид и иселувањето на младите како резултат на недомаќинското работење на сите досегашни локални власти без исклучок. Претседателот Колев истакна дека и покрај фактот што градот се наоѓа под заштита на УНЕСКО, и би требало да биде најсредениот, најчистиот и најподредениот град, тоа не е така бидејќи повеќе од 27 години градот не може да го реши проблемот со колекторскиот систем, и редовно секоја сезона, конкурентните туристички центри особено од соседните земји го користат овој факт како аргумент за оцрнувачка кампања против Охрид.

Во својот говор претседателот Колев подвлече дека урбаната мафија, непочитувањето на законите го урнисуваат охридскиот шарм и убавина.

„Иако веќе некако можеби се помиривме со незаконските градби на згради, хотели и слично, стигнавме до незаконски градби и врз културни, историски и верски објекти кои се заштитени најстрого со закон. И тоа е вистината! Некој упорно газејќи го законот сака да го смени обликот на градот и да предизвика верска нетрпеливост. Тоа е вистината! Ова е одговорност како на институциите така и на досегашните први луѓе на Охрид. Би можел многу да набројувам но тоа нема да ги реши проблемите. Зошто потенцирам за секој пример дека тоа е вистината? Ние како ГДУ сме убедени дека вистината ќе не направи слободни, ние мораме да ја погледнеме вистината во очи, да ги прецизираме и констатираме проблемите за да најдеме решение за нив“ – потенцира претседателот Колев.

Во своето обраќање тој ги постави и реторичките прашања: Дали ние сакаме задолжен Охрид? Дали охриѓани сакаат решени комунални проблеми? Дали законите треба да важат за сè со иста сила ?! Ова се прашања со кои компромис нема! Затоа Граѓанско Демократската Унија за свој кандидат на претстојните избори го поддржува Михаил Трендафилов-Нанче. Човек со карактер, волја, јасна визија и желба за промени! Човек со достоинство и чест, кој е готов да се спротивстави и на проблеми од кои другите дали од страв или поради нивното властољубие или среброљубие успешно бегаат преку годините! Човек кој знае да каже не! НЕ на незаконието, неправдата, нечесноста, лицемерието! Тоа е вистината почитувани охриѓани! Вие го познавате Нанче најдобро од сите нас, вие ги знаете неговите особини, неговиот борбен дух и желба да се спротивстави на неправдата!

Претседателот Колев ги повика охриѓани да го поддржат кандидатот на ГДУ со зборовите дека тој е човекот што ќе го врати сјајот и достоинството на Охрид.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на оваа партија Михаил Трендафилов- Нанче во своето обраќање го изрази своето задоволство од фактот што е кандидат на партија без хипотеки од минатото, којашто е составена од млади луѓе кои се авангарда и иднина на Македонија.

„Време е дефинитивно да изградиме општество на рамноправни луѓе, ослободено од секаков вид на измами. Општество спремно за културен натпревар, унија, па нели се стремиме кон ЕУ! Дури не изградиме наша унија, додека не сфатиме дека заедно сме посилни, дури не изградиме среќен дом, нема што да бараме во Европа.

Наша цел е да ги обединиме сите прогресивни сили, посебно од СДСМ и ВМРО, да им се даде црвен картон на ретроградните во нивните редови и да излеземе од овој жив песок. Да почнеме од Охрид. Премногу утопистичко, но тоа сум јас. Се почнува од невидливото, од мислата, па ајде“- кажа во своето обраќање нашиот кандидат Трендафилов.

Михаил Трендафилов истакна уште дека основната причина да влезе во трката за градоначалничкото место во општина Охрид е фактот дека СДСМ и ДУИ се договориле за Охрид, во стилот „јас на тебе минаре-ти на мене гласови“ и сето тоа со молчеливата согласност на ВМРО-ДПМНЕ.

„Институциите се посрамотија, но ако бидам избран, јас ќе се борам за доследна примена на законите“- истакна Трендафилов.