26/11/2024
Охрид

Михаил Трендафилов-Нанче: Охрид – најзадолжена Општина

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ГДУ, Михаил Трендафилов-Нанче, денес одржа прес-конференција на која истакна:

„Ова може и да не е најстрашно. Сѐ зависи како и во што се потрошени парите. Досега освен разно-разни шпекулации не сфативме од каде е долгот. Зошто велам дека не е страшно, не е бидејќи најзадолжени земји се САД, Германија и Јапонија. Сите се задолжуваат , најголемите најмногу. Зошто е тоа така? Задолжени се за нова технологија, за производство на знаење, за извоз. Создаваат нова, повисока вредност.

Германија се задолжува за да ни продаде скоро сѐ што користиме, комуникациите не можеме да ги замислиме без јапонски и корејски производи. А ние? Земаме кредити, за да враќаме кредити (катастрофа), за купување на социјален мир, пензионери, социјални случаеви, судии, пратеници и сѐ што е на државна цицка (буџет). Никој не прашува каде се парите што цел живот ги одвојував за пензија, за здравство… Кој ги „изеде“?!

Е на тој бирократски апарат не му требаат промени. Па што треба да правиме? Да ги воспитуваме децата да се пресреќни ако се вработат во Општина за 3-400 евра, тоа е она за што ќе мечтаат средношколците, студентите… Тоа е амбиција? Тоа е амбиција на ниво на амеба. Произведуваме медиократи од Основно до крај. Не произведуваме луѓе кои ќе постанат милионери со чесно иновативно заработени пари. Ги произведуваме оние кои се задоволни со некој минимум.

Државата, партиите направија таква негативна селекција, таква просечност што го уништија општеството. Прашање е дали од образованието остана О. Како општество прифативме најголеми непријатели да ни се надпросечните, да правиме одмазда према оние кои имаат храброст слободно да говорат или да се борат за правда, општество кое им се смее на луѓето кои се борат за права во фирма која е во стечај, да ни се смешни зошто плачат пред камера. Ние немаме чувства за нив. Подобро ни е да гледаме reality show, одгледувајќи ги децата со тие будалаштини, а животот пред нос да ни проаѓа.

На крај ќе прашате. Што има ова со Охрид? Има , и те како има. Па ние сме слика-прилика на состојбата во целата држава. Затоа се потребни коренити промени, да го видоизмениме Охрид и нашиот град да стане пример за целата држава. Преродбата да отпочне од Охрид, без чекање, веднаш, сега и одма.“ – истакна Трендафилов-Нанче.

https://youtu.be/jcV0bUjGW_s