17/11/2024
Спорт

Милевски и Димитриевски на прес-конференција пред мечот со Летонија

Во пресрет на утрешниот натпревар против Летонија од 5. коло во групата од Лига на нации, прес-конференција одржаа селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски и голманот Столе Димитриевски.

Благоја Милевски – селектор на А репрезентација на Македонија:

„Максимален респект за Летонија. Воопшто не треба да не залажува резултатот од првиот меч, одиме максимално, одговорно кон нов добар резултат. Имам потенцирано многу пати дека овие момци, без разлика што им се случува во клубовите, повреди, натпреварувачка форма која е лоша, кога доаѓаат за репрезентација даваат 100%. Нивниот карактер како играчи, но и како личности се перфектни и тоа им помага кога доаѓаат на собир на репрезентација да бидат на највисоко ниво. Тоа што им се случува во клубовите не е во наша моќ, но по она што го покажуваат во репрезентацијата јас имам само пофални зборови“.

„Секој си има план и подготовка. Спремни сме на се она што не очекува околу утрешниот противник. На нас самите е да одиграме. Ме радува што за нештата сами одлучуваме.

Морам да го истакнам задоволството од она што го видов како информација на терен што се однесува до новите фудбалери во тимот. Имаат потенцијал за да бидат дел од овој тим.“

Столе Димитриевски – репрезентативен голман:

“Сакам и по овој натпревар да останам со чиста мрежа. Кога нагласувам на прес-конференција дека сакам чиста мрежа, ми носи среќа и се разбира дека тоа ми е целта и за утрешниот меч.”


WebOhrid / 13.11.2024 / ФФМ