20/10/2024
Спорт

Милевски и Димитриевски: Подготвени сме за Ерменија. Се надеваме на позитивен исход

Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против селекцијата на Ерменија, на денешната прес-конференција во Ереван, селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски ја потенцираше важноста на средбата. Македонскиот селектор е сигурен дека репрезентативците ќе ги повторат страста и желбата со кои му пристапија на натпреварот против Летонија во Рига и повторно ќе се дојде до позитивен резултат.

БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ – селектор на македонската А репрезентација:

Кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучувааат за првото место во групата и стојам зад таа изјава. Го следев натпреварот на Ерменците на Фарски Острови. Тимот е тој кој го знаеме, максимално го респектираме и засилено се подготвуваме. 

Муслиу многу подобро се чувствува, но ќе видиме како ќе реагира по тренингот. Истото важи и за останатите, тимот ќе го одлучам по тренингот. Максимално се подготвуваме како и за секој ривал. 

Пред почетокот на овој октомври циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, треба само да ја оствариме. Целата подготовка е насочена кон Ерменија и како треба да изгледаме на терен. Не сакаме да мислиме на комбинации, за тоа ќе размислуваме во ноември.  Утрешниот меч ќе биде поинаков од тој пред три години, а и од последниот минатиот месец. Како да е судбина да играме против Ерменија, квалитетни се и нема да ги потцениме“.

СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ – репрезентативен голман на македонската А репрезентација:

„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први.Со Шишковски често разговараме за ерменските репрезентативци и спремни сме за натпреварот. Секогаш детално анализираме без разлика кој е нашиот противник. Имаме одлична соработка со одбранбените фудбалери на последните три натпревари и верувам дека и утре нема да примам гол. Сите натпревари се тешки, се спремам за сите натпревари на ист начин. Така ќе биде и утревечер“.


WebOhrid / 12.10.2024 / ФФМ