26/11/2024
Охрид

Милошевски: Од Охрид, нека одекне гласот на правото и правдата, гласот за убав Охрид, гласот за честита Македонија

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес одржа прес-конференција на која истакна:

„Охрид припаѓа на народот. Овој град е нашата заедничка иднина. Мојата душа и моето срце живеат за поубаво утре, за убав Охрид. Само заедно, сплотени да ја градиме иднината за убав Охрид преку проекти и дела. Ги презентиравме сите убави проекти во изминатиот период за добробит на градот.

Ја сакаме својата работа. Подаваме рака на сите. Секоја врата ни беше отворена, со секого поразговаравме, станавме дел од сечиј живот и ги ислушавме сите предлози, идеи, но и маки и проблеми.

Пред да одлучите, искрено размислете:

Дали сакате Охрид гордо да чекори по патот на достоинството и можностите или понижено по патот на црнилата и небиднината?

Што ќе речат за долгот Светите Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум Охридски, како и Прличев, кој ни го остави тројниот завет да се познаеме себеси, да се почитуваме себе си, и да се чуваме себе си со тоа што ќе ја чуваме татковината?

Водиме позитивна, слободна, фер и достоинствена кампања, не водиме црна кампања и нема да кажам ниеден лош збор.

Во оваа пресудна трка за Охрид одберете напредок и резултати, а јас во мојот живот сум покажал дека можам и умеам да создавам и правам добри дела.

Овој пат заеднички да направиме добри дела за поубав Охрид. Охрид мора да е убав. Охрид мора да функционира.

Сите мои сограѓани од секој дел на градот Македонци, Турци, Срби, Бошњаци, Албанци, Роми, Египќани, Власи и други Ве повикувам да го поддржите концептот За убав град.

Одлуката е ваша. Предизвикот е сериозен. Јас верувам во Вас и сакам вие да си верувате себе си.

Ве повикувам сите разочарани граѓани, неопределени гласачи, чесни граѓани од сите политички партии и етнички заедници, масовно да излезете на гласање, недела на 5 мај за победа на правото и правдата, за победа за убав град. Гласот за бројот 2, за професорката Гордана Силјановска-Давкова и гласот за бројот 5, за новиот градоначалник нека бидат патот за нашата иднина.

Од Охрид, нека одекне гласот на правото и правдата, гласот за убав Охрид, гласот за честита Македонија.

Глас за работа, за успех и за победа! За градот, за секој еден во Охрид и Охридско! За нас, и за нашите деца! За убав град. Охрид повикува!“ – истакна Милошевски.