Милошевски: Охриѓани заслужуваат подобро и повеќе, ги знаеме проблемите и имаме решенија
Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски денес одржа прес-конференција на која истакна дека кампањата ја започнува со визија и сила, преголема одговорност и позитивна енергија, со подадена рака за секој граѓанин, за усовршување на Охрид, со европски и современ лик.
„Со визија и сила, преголема одговорност и позитивна енергија влегуваме во успешна кампања за локалните избори.
Отвореноста со народот и охриѓани, продолжува и со Канцеларијата за граѓани јакнејќи ги демократските капацитети на градот. Раката е подадена за секој граѓанин бидејќи сите сме една целост. Секое место, секое маало, секоја улица, секој праг е Охрид. И заедно ќе бидеме и во овој период и потоа.
Тие што вистински го сакаат својот град, работат за него, го сакаат со дела.
За мене политиката е одговорност и натпревар на идеи каде проектите ќе бидат остварени потпирајќи се на принципите на чесност, посветеност и одговорност.
Охрид може поубаво и знае подобро!
Охрид мора да е убав и во него може да се живее убаво. Охрид мора да функционира и да се усовршува вистински со европски и современ лик. Охрид гордо ќе чекори по патот на достоинството и можностите, а не понижено по патот на црнилата и небиднината.
Охриѓани се вредни луѓе, еснафи, домаќини, и заслужуваат и подобро и повеќе. Ги знаеме проблемите и имаме решенија кои ќе Ви ги презентираме секојдневно.
Треба да се работи, да се работи и да се работи, да се чувствува пулсот на градот, да се биде посветен.
Почитувани,
Позитивната енергија и силната мотивираност да ја пренесеме до сите за да се сфати нашата порака за победа на 21 април.
Заедно, сплотени, единствени кон победа. Нека ни биде со среќа!
За нас, и за нашите деца!
За убав град. Охрид повикува!“ – истакна Милошевски.