22/11/2024
Охрид

Милошевски: Силно да ги мотивираме и членовите и симпатизерите во што поголем број да излезат и да го поддржат концептот и Програмата „За убав град“

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„Еве како што знаете помина првиот круг на гласање за Градоначалник во нашата општина, резултатите ви се добро познати, ќе има и втор круг каде што се тргнува од 0:0. Пред се им честитам на кандидатите Михаил Трендафилов, Стевче Стевоски и Мена на нивниот одличен резултат што го постигнаа, кои заедно освоија преку 3200 гласови и навистина треба да бидат многу горди на својот резултат и според мене во првиот круг тие се морални победници, јас од се срце им честитам на овој нивни резултат.  Повторно во Охрид за жал се појавија над 1.000 неважечки ливчиња што е премногу на 28.000 излезност и во тој смисол Државната изборна комисија, како и Општинската изборна комисија треба значајно да поработаат на едукација и медиумско покривање на овој проблем кој е изразен и на ниво на Македонија и поради што еве на пример во Ново Село не се избра градоначалник. Исто така разликата меѓу изброените гласови помеѓу претседателскиот кандидат Гордана Силјаноска-Давкова и Стево Пендаровски, каде победи госпоѓата Силјаноска, укажува дека ние треба уште повеќе и уште посилно да работиме на терен, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, тоа ние ќе го направиме во следниве две недели и ќе докажеме дека нашиот концепт „За убав град“ е единствениот кој може Охрид да го извади од оваа состојба. Ние мораме силно да ги мотивираме и членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во што поголем број да излезат и да го поддржат концептот и Програмата „За убав град“. За жал во оваа кампања имаше и негативни работи, негативно беше тоа што во време на изборен молк се асфалтираше по градот и селата, тоа беше саботата, задржување на високи функционери на власта, па дури и самиот в.д. градоначалник пред изборните места на растојание помало од 100 метри и многу други неправилности што верувам дека партијата ќе ги дообјасни на некој од нејзините пресови. На крајот морам да се заблагодарам на моите сограѓани што го поддржаа концептот и Програмата „За убав град“ и што гласаа за мене и да ги повикам заедно сплотени во вториот круг повторно да го поддржат единствениот концепт кој може Охрид да го извлече од оваа состојба. Исто така, јас како кандидат, а и мојата партија која стои зад мене, сме спремни и отворени за соработка со останатите кандидати кои испаднаа во првиот круг.“– истакна Милошевски.