Минималната плата се покачува за 2.175 денари, таа од овој месец изнесува 20.175 денари
„Почнувајќи од тековниот месец, минималната плата во Северна Македонија ќе биде повисока за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари“, изјави Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој заедно со ресорните министри ја информираше јавноста за усвојувањето на новиот износ на минималната плата кој денеска беше усвоен на седница на Економско социјалниот совет.
Премиерот Ковачевски во изјавата за медиуми после одлуката, рече Владата го исполни ветувањето, и дека почнувајќи од април минималната плата во државата ќе биде повисока за 2.175 денари и од 18.000 ќе се покачи на 20.175 денари.
„Ова значи над 12% зголемување на основната минимална плата. Секој работник следниот работник ќе ја зема оваа плата како минимална. Согласно законот за административни службеници којшто е усогласен со законот за минимална плата тоа значи дека линеарно ќе се усогласат платите на 27.000 работници како и во другите сектори во кои законите се усогласени со законот за минимална плата“, изјави премиерот Ковачевски.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, го изрази неговото големо задоволство од фактот што дефинирањето на минималната плата веќе не е предмет на преговори, кавги, уцени и купување на политички поени.
„Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани. Да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани. Ова е единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност, дури и во време на глобална економска криза на која и претходеше здравствената криза предизвикана од пандемијата.
Нашата определба беше и така се спроведе, да донесеме системско решение кое нема да калкулира со политичката волја на било која партија, ниту од волјата на поединци, ниту од политичкиот маркетинг кој станува доминантен пред или за време на избори. Нема политички калкулации“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска изјави дека од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и споредбено со 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари, денес зборуваме за минимална плата што е повисока за над 10.000 денари.
„Само да потсетам, минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време.
Денешново решение значи дека ниту еден работодавач во земјата, не смее да исплати плата во бруто износ понизок од 29,739 денари или во нето износ понизок од 20.175“, изјави Тренчевска.
Инаку, покачувањето на минималната плата е резултат на истрајната и одлучна политика на Владата за раст на платите, поткрепена со новата методологија за постојан раст на минималната плата преку дијалог со синдикатите и работодавачите за системско решение и нова методологија за постојан раст на минимална плата.
Со оваа методологија Владата во дијалог со работодавачите и синдикатите ја утврди минатата година, и секоја година во месец март минималната плата ќе се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика. Односно 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година.