22/11/2024
Македонија

Mинистерката Шекеринска на панел-дискусија со претставници на групата „Охрид“

Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска учествуваше на панел дискусија заедно со претставници на новоформираната група „Охрид“, во која членуваат поранешни  дипломати, за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ.

На панелот учествуваа и поранешниот Генерален секретар на НАТО Лорд Џорџ Робертсон, поранешнот претседател на Република Бугарија Росен Плевнелиев, францускиот дипломат Ален Ле Роа и Лордот Кристофер Геијд, поранешен приватен секретар на Кралицата на Обединетото Кралство и член на Горниот Дом на британскиот парламент.

Заблагодарувајќи се на сите членови на неформалната група „Охрид“ за нивните напори и понудена помош во исклучителните моменти кога се случуваат многу работи во Македонија, министерката Шекеринска истакна дека со поранешните дипломати соработувала во минатото и дека Македонија уште тогаш се покажа како кредибилен партнер на ЕУ и НАТО.

„Денеска, кога одлучуваме за нашето учество во мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина, во Либан, меѓу другото, како држава мислам дека имаме обврска, тоа што функционираше и помогна на Македонија да го искористиме и да го понудиме како наша помош на други држави“,  рече вицепремиерката Шекеринска.

Таа се се осврна на улогата на Европската унија и НАТО во минатото како сојузник на Македонија за обезбедување на мирот и стабилноста во напорите да се создаде општество без етнички бариери.

Вицепремиерката Шекеринска, подвлече дека актуелната Влада следејќи ги европските лекции и го прифати развивањето на добрососедски односи и посебно преку Договорот со Бугарија, покажа дека само така може да се гарантира напредокот и заедничката безбедност на балканските држави.

„Како Влада, по 10 години успеавме да го исполниме она што ѝ треба на Македонија и морате да сметате на нас и нашите стратешки интереси кои ги решаваме како заеднички интереси на сите граѓани и соседи“, им се обрати Шекеринска на неформалната група пријатели за поддршка на евроатлантските интеграции на Македонија предводена од  поранешниот Генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон.

Во своето обраќање Робертсон оцени дека во минатото Македонија се соочила со различни интереси и била земја која била на работа на распаѓање, но не се распаднала благодарејќи на граѓаните кои се обединија.

Заедно со поранешниот претседател на Република Бугарија Росен Плевнелиев, Робертсон се согласи дека просперитетна земја и земја со добра иднина се гради само со надминување на партиските интереси и соработка на останатите полиња како што се економскиот и културниот развој во регионот. 

Плевнелиев нагласи дека единствен начин за градење на стабилен и безбеден Балкан е заедничката соработка и доверба на економски и културни проекти кои ги обединуваат граѓаните. Тој посебно позитивно ги оцени добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија додавајќи дека тие се чин на политичка добра волја и споделување на заедничката историја, а не на поделби.

Францускиот дипломат Ален Ле Роа се осврна на можноста, како дел од групата на пријателите на Македонија, да и помогне на државата и граѓаните, кои веќе чекорат по патот на европската перспектива. Ле Роа рече дека неформалната група нема политички мандат, но може да помогне со разни стручни експертизи и искуства.

За важноста на членството на Македонија во ЕУ и НАТО говореше и поранешниот портпарол на Северноатлантската алијанса Марк Лејти. Тој подвлече дека со членството во ЕУ и НАТО се обезбедува рамка, која Владата и граѓаните треба да ја искористат за креирање на економските и демократските можности, но особено за обезбедувањето на владеењето на правото кое е клучно за економскиот раст и просперитет. 

„Сум имал средби со премиерот Заев и тој ме убеди дека приоритет на оваа земја е да ги задржи младите луѓе и тоа е клучно, така ќе се создадат вистински можности за економски инвестиции“, додаде Лејти.

Во делегацијата која ја предводи Лорд Робертсон, учествуваат и Лордот Кристофер Геијд, поранешен приватен секретар на Кралицата на Обединетото Кралство и член на Горниот Дом на британскиот парламент, Роберт Гелбарт, амбасадор и член на Атлантскиот Совет, Генералот Берни Вајт Спанер, поранешен Командант на британските копнени сили, Зоран Чичак, советник за надворешни работи, Марк Лејти, поранешен специјален советник за комуникации на Генералниот Секретар и портпарол на НАТО, како и Сара Баденбо, како претставник на Дејмон Вилсон, Заменик Претседател на Атлантскиот Совет на САД.