23/11/2024
Македонија

Министерката Апостолска на Првата министерскаконференција за енергетика во Букурешт

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска престојува во Букурешт, Романија, каде денес учествуваше на Првата министерска конференција за енергетика, дел од Иницијативата „16+1“ за соработка меѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа.

На Конференцијата, на која присуствуваат министри и други високи владини претставници од земјите од Централна и Источна Европа и Кина, се разговараше за регионалните енергетски стратегии, цели и предизвици.

Во своето обраќање министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска истакна дека Конференцијата отвора можност земјите од регионот да ја демонстрираат заложбата за зајакнување на соработката и искористување на потенцијалите за поголем економски развој и заедничка иднина.

„Националните капацитети честопати се покажаа како недоволни, бидејќи динамиката на глобалните економски текови пред државите поставува предизвици за чие надминување е потребна соработка и дијалог помеѓу повеќе страни. Во оваа смисла, ја препознавам и важноста на оваа иницијатива, која ги обединува 16-те земји од Централна и Источна Европа кои во нивните економски перспективи се соочуваат со заеднички предизвици, пред кои се појавува и потребата за заеднички акции за нивно надминување и остварување на одржлив економски развој“, рече Апостолска.

Осврнувајќи се на значењето на инфраструктурата и енергетиката, министерката истакна дека овие две области се покажуваат како клучни двигатели на економската активност и дека соработката и заедничките напори на земјите ќе доведат до заеднички придобивки.

„Повеќе не можеме да размислуваме за одржливи инфраструктурни и енергетски проекти во национален контекст, туку напротив, само продлабочувањето на соработката и партнерството меѓу земјите и поставувањето на регионални стратешки цели и приоритети може да даде конкретни и одржливи резултати“, рече Апостолска.

Нагласувајќи ја посветеноста на Република Македонија на овие сегменти на економијата и нивното регионално значење министерката се осврна на значењето на коридорите 8 и 10.

„Како Влада, ние сме посветени на инвестирање во транспортната инфраструктура што ќе доведе до подобра регионална поврзаност, поради што нашите проектирани активности се насочени кон развојот на инфраструктурата долж транзитните коридори кои минуваат низ нашата земја, коридорите 8 и 10“, рече Апостолска.

Како два приоритетни проекти кои во моментов се реализираат и се од суштинско значење за националната и регионална поврзаност на Република Македонија, министерката ги спомена автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево Охрид.

Во своето обраќање министерката Апостолска рече дека Владата посветено работи на идентификување на перспективи и планови кои се засноваат на рационални, одржливи и исплатливи концепти, кои гарантираат бенефиции за целата економија.

На крајот од своето обраќање Апостолска најави дека во рамките на Иницијативата „16+1“ на следниот настан кој ќе се одржи овој месец во Будимпешта, Владата на Република Македонија ќе ги презентира и елаборира сите приоритетни проекти кои се од суштинско значење за регионалната инфраструктурна интеграција.

На конференцијата помеѓу министрите беше споделена и „Бела книга“ за соработката и дијалогот помеѓу Централна и Источна Европа и Кина во полето на енергетиката.