Министерката Апостолска на регионална конференција во Блед, Словенија
Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска вчера учествуваше на конференцијата „AUSTRIA CONNECT SOUTHEAST EUROPE 4.0 – Digitalization – Competence – Transformation“ која во организација на Стопанската комора на Австрија се одржа во Блед, Република Словенија. Тематски фокусирана на предизвиците на дигитализацијата и трансформацијата на економските процеси, на конференцијата учествуваа менаџери на австриски фирми кои работат во регионот на Југоисточна Европа.
Во своето обраќање пред учесниците на конференцијата, осврнувајќи се на импликациите кои дигиталната трансформација на меѓународните економски активности ги има врз политиките за стимулирање на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека владините економски политики за поттикнување и поддршка на инвестициите се комплементарни со овие глобални трендови кои ги носи четвртата индустриска револуција.
„Владата на Република Северна Македонија силно ги поддржува процесите на дигитализација во нашата економија, компаниите ја имаат нашата поддршка во зголемување на нивната ефикасност и ефективност, за зголемување на конкурентноста на меѓународните пазари. Преку конкретни мерки ја имаат нашата поддршка за интегрирање на нови дигитални технологии во производството на добрата и услугите, и на тој начин преку промена во структурата на трошоците сакаме да извршиме позитивни промени во нивните конкурентски позиции на пазарите“, порача министерката Апостолска.
Говерејќи за значењето кое странските директни инвестиции го имаат за остварувањето на одржлив економски раст и просперитет, министерката Апостолска нагласи дека Владата на Република Северна Македонија посветено работи на привлекување и поддршка на нови директни инвестиици од страна на компании кои ќе донесат прилив на знаење, иновативни технологии и ќе воспостават R&D центри, што ќе значи зголемување на конкурентноста на националната економија во регионални и глобални рамки.
На конференцијата министерката Апостолска реализираше и работна средба со Ерика Теоаман Бренер, трговско аташе на австриската стопанска комора за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, како и со Константин Бекос, регионален менаџер во комората одговорен за регионот на Југоисточна Европа. На средбата се разговараше за условите за инвестирање во земјава и за можностите за продлабочување на соработката со австриската стопанска комора во насока на мотиварање на поголем број на компании да ја препознаат Северна Македонија како идна дестинација за реализација на инвестициски проекти. Министерката Апостолска порача дека пред австриските компании во Република Северна Македонија се отворени економски перспективи кои ветуваат стабилна деловна клима и силна институционална поддршка за секоја инвестициска и иновативна идеја.
Учеството на конференцијата од страна на министерката Апостолска беше искористено и за повеќе билатерални средби со претставници на австриски компании, на кои беа презентирани владините економски политики за поттикнување и поддршка на нови инвестиции.