Министерката Шахпаска на средба со агенциите на ОН во земјава
„Нашата држава има долгогодишна интензивна и плодна соработка со сите агенции на Обединети нации. Вие сте наши големи поддржувачи, партнери и соработници во креирањето и имплементацијата на политики и решенија кои имаат за цел градење на општество кое ќе им понуди на сите граѓани еднакви можности и пристап до ресурси, со посебен акцент на ранливите категории на граѓани“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната средба со претставниците на Агенциите на Организацијата на Обединетите нации – UNRCO,OHCHR,UNDP,UNICEF,UNFPA и Светска банка.
Министерката Шахпаска заедно со тимот од Министерството за труд и социјална политика ги презентираше приоритетите на кои нејзиниот ресор ќе работи наредниот период и нагласи дека од исклучително значење ќе биде стручната експертиза и поддршката што ООН во континуитет ја дава.
Постојаната координаторка на ООН во земјава, Росана Дуџак, нагласи дека Министерството за труд и социјална политика повеќе од две децении е еден од главните партнери на специјализираните агенции на ОН. Тоа го потврдува и фактот дека 11 од 18 агенции на ООН имаат директна соработка со Министерството.
Таа соработка, нагласи Дуџак, ќе продолжи и ја поздрави иницијативата на министерката Шахпаски преку директна координација со ООН да се следи имплементацијата на актуелните проекти, но и да се договара идната соработка.
Министерката Шахпаска нагласи дека целосната инклузија на лицата со попреченост, социјалните услуги, родовата еднаквост, поттикнување и поддршка на вработувањето на најтешките вработливите лица, зголемување на опфатот на деца во предучилишно воспитание и образование се областите на кои агенциите на Обединетите нации продолжуваат да ги поддржувааат политиките на Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Шахпаска информираше дека ваквите координативни средби ќе станат редовна пракса за унапредување на јавните политики во социјалата и трудот во нашата земја.