23/11/2024
Македонија

Министерката Шекеринска на Летниот кампус 2018 на Криволак

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на церемонијата на свеченото затворање и завршна вежба на меѓународниот „Летен кампус 2018“, што во изминатите десет денови се одржуваше на армискиот полигон „Криволак“, и на кој учествуваа претставници на 11 држави од регионот и пошироко.

Поздравувајќи ги учесниците министерката Шекеринска пред новинарите изјави дека Македонија не ја чекаше поканата за НАТО, туку дека работеше напорно за да ја заслужи. „Македонија работеше и работи да ги исполни сите критериуми и стандарди. Воената академија и Министерството за одбрана прават се за да обучат модерна армија која ќе биде членка на НАТО-алијансата“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека заедничките активности на државите од регионот и пошироко, како што е Летниот кампус, покажуваат дека соработката е возможна и корисна. „Покажавме дека знаеме да соработуваме не само како партнер, туку навистина како членка на НАТО-алијансата. Летниот кампус кој што веќе создаде традиција  е исто така дел од т.н. „паметна одбрана“ или „smart defence“ на НАТО. Тоа значи дека Македонија има капацитет, кој што го нуди на земјите од регионот, на нашите партнери и сојузници, капацитет со кој што навистина можеме да бидеме задоволни“, рече министерката.

Министерката ја најави претстојната вежба што во текот на овој месец ќе се одржи на полигонот „Криволак“ меѓу македонските и американските специјални сили и рече дека членството во НАТО е можност за Македонија да се претстави не како земја што бара туку како земја што ги нуди своите капацитети.

„Очекуваме во текот на летово да имаме дополнителни американски војници кои што се присутни во регионот, да вежбаат заедно со македонските војници и очекуваме дека со членството во НАТО, потенцијалот на Криволак ќе се зголеми. Тоа ќе биде добро за имиџот на Македонија,  како и за домашната и локалната економија“, рече министерката.

Меѓународниот проект „Летен кампус 2018“ има за цел да ги запознае младите питомци и идни мировници со можните предизвици во постконфликтините операции. Наставата се одвиваше во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ со учество на повеќе од 120 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, САД, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.