23/11/2024
Македонија

Министерот Адеми формираше работна група за Националната стратегија за соработка со дијаспората

Министерот во Владата на Република Македонија Едмонд Адеми задолжен за дијаспората, после едномесечните консулатации денес ја потпиша одлуката за формирање на работна група за Националната стратегија за соработка со дијаспората која ја сочинуваат претставници на министерствата кои имаат надлежности во области важни за дијаспората, и претставници од граѓански организации, и индивидуалци, кои работат на прашања и теми врзани за дијаспората.

Ова е првиот чекор кон она за што се залагаме, а тоа е институционален пристап кон градење на меѓусебна доверба помеѓу институциите и дијаспората, истовремено, овозможувајќи сите чинители во оваа област директно да учествуваат во креирањето на идните политики кои се врзани за дијаспората, пред се во делот на политичките права, административно-правните процеси, економско-инвестиционата клима, култура, образование, наука и млади.

Процесот на изработка на стратегијата ќе вклучува, консултации, јавни дебати и целосна инклузивност со сите засегнати и заинтересирани страни, со цел да добиеме документ со јасни и прецизни решенија на прашања што се од интерес и на државата и на дијаспората. Ги повикуваме и охрабруваме сите заинтересирани чинители кои имаат предлози за содржината на Националната стратегија за соработка со дијаспората, да го следат процесот и да се вклучат со свои мислења и ставови.

Развивањето на оваа стратегија за соработка со дијаспората преку импементација на повеќе мерки, позитивно ќе влијае во идентификување и воспоставување релации и подршка за разни видови на соработка на одредените области, кои воедно се и клучните четири столба врз кои ќе се темели националната стратегија за соработка со дијаспората, што значи дека треба да се изградат и мостови на доверба и партнерство меѓу институциите на системот и иселениците, од кое ќе произлезат придобивки и за државата и за дијаспората.

Во изготвување на Националната стратегија за соработка со дијаспората со советодавна улога активно ќе учествува и Меѓународната организација за миграција, IOM (International Organization for Migration), преку експертот по прашања на миграции, Проф. д-р Верица Јанеска од Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Економски институт – Скопје.