26/11/2024
Македонија

Министерот Дураки дел од првата меѓувладина седница на Македонија и Албанија

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки учествуваше на првата заедничка седница на Владите на Република Македонија и Република Албанија која што денеска се одржа во Поградец во Албанија.

На седницата се разговараше на повеќе теми за унапредување на билатералната соработка, која што во областа животна средина е веќе потврдена како успешна и тоа особено во делот на интегрирана заштита и управување со прекуграничните водни ресурси.

Во рамките на настанот, министерот Дураки оствари работна средба со албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Ќоси, на која се разменија информации по повеќе прашања. Меѓу другото двајцата министри разговараа за предлог-текстот на Договорот меѓу Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Македонија за заедничките односи во управување со прекуграничните водни ресурси, за работната група за преговарање по однос на предложениот текст на Договорот, како и за следните активности за дејствување со кои ќе се забрза процесот на потпишување и имплементација на Договорот за управување со прекугранични води.

На оваа билатерална средба разговарано е и за Дримскиот Проект на ГЕФ за изготвување на План за управување со Охридско Езеро, за проектот за ЕУ –УНЕСКО за интегрирана заштита на Охридското Езеро, потоа за формирање на Фонд за заштита на природата Преспа-Охрид (PONT), како и за реформирање на билатералните Комитети и тела согласно Договорот за заштита и одржлив развој на Охридсктоо Езеро и неговиот слив од 2004 година меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија и Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа потпишан во 2010 година меѓу министрите за животна средина на Р. Македонија, Грција и Албанија и ЕУ Комесарот за животна средина во Пили, Грција.