Министерот Фазлиу: Еден милион евра за проекти за 30 општини и за осумте плански региони
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, денеска го отворија форумот на кој се презентираа условите и критериумите за финансирање на проекти во планските региони и во општините, во рамките на проектот “Подобрување на општинското управување”, финансиран од Европската Унија, во вкупна вредност од 2,4 милиони евра.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека Министерството за локална самоуправа во овој период е посветено на зајакнување на капацитетите на општините за добро управување, пред се со промовирање на принципите на транспарентност, отчетност и инклузивност во сите области на делување.
„Во рамките на проектот Подобрување на општинското управување, што Министерството го имплементира со УНДП, се финансираат осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од 1 милион евра. Денеска, со учество на сите присутни ги договараме генералните услови за подготовка и избор на првите осум проекти. Целта на Министерството за локална самоуправа е функционални единици на локалната самоуправа и конкурентни плански региони. Преку подобро управување на локално ниво да обезбедиме подобар пристап до услугите и подобар квалитет на живеење за сите граѓани“, рече министерот Фазлиу.