Министерот Манчевски информираше за новата алатка за пријавување на притисок на работно место
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска, на прес-конференција во Владата на Република Македонија, информираше за новата алатка за пријавување на притисоци на работно место, која што е објавена на сајтот на министерството.
Во своето обраќање, министерот Манчевски рече дека Алатката има за цел да послужи како заштита на сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисок имаат лесно достапно место каде да се обратат.
Меѓу другото на оваа прес-конференција тој рече:
Притисоци, уцени и злоупотреба во јавната администрација не смее да има!
Владата и Министерството за информатичко општество и администрација работат посветено на обезбедување на администрација која што работи професионално и во служба на сите граѓани. Се обидуваме целосно да ја смениме сликата за заробена држава.
За таа цел, МИОА на 13-ти септември објави алатка за пријавување на притисоци на работното место, во пресрет на референдумот.
Алатката има за цел да послужи како заштита на сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисок имаат лесно достапно место каде да се обратат. Тоа е и предупредување за сите министри, директори, раководители… дека секој нивен обид за злоупотреба на службената положба ќе биде најжестоко санкциониран.
Алатката овозможува секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работното место.
МИОА се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување. Ова веќе е искомуницирано со сите надлежни институции.
Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци. За ова веќе се преземени соодветни технички и организациски мерки.
Од објавувањето на оваа алатка до денес, не се пристигнати ниту една пријава, и оттука ги повикувам сите граѓани да бидат уверени дека нивните пријави се анонимни, дека ќе бидат проследени на вистинското место и по нив ќе биде постапено соодветно.
Ова е само еден од механизмите кои што ги преземавме за целосна професионализација на јавната администрација. Времето на политички притисоци и заробена држава е далеку зад нас.