26/11/2024
Македонија

Министерот Поповски: Нека ни е честит Светскиот ден на медиумите во слободна и европски ориентирана Македонија

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска одржа прес конференција во чест на 3. мај – Светскиот ден на слобода на медиумите.

Министерот Поповски во свое име и во име на Владата, на новинарите, фоторепортерите, снимателите, медиумските работници, граѓаните го честиташе 3. мај – Светскиот ден на слобода на медиумите, посочувајќи го како значајно тоа што се одбележува, по 10 години, во слободна Македонија.

Го одбележуваме овој ден на медиумите, во демократска, слободна и европски ориентирана Република Македонија. За прв пат, после 10 години, ќе има можеби повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за медиумските слободи и права, како што секојдневно има изминативе 10-тина месеци, за секое прашање од важност и интерес за граѓаните“, рече на прес конференцијата, Поповски.

„Денеска има гласност, наспроти молк“, додаде министерот Поповски и повика дека треба да има и дека Владата е горда на „создадениот амбиент на гласност“.

„Денеска уште еднаш ја потврдувам посветеноста на Владата на Република Македонија да го слушне вашиот глас, затоа што знаеме, искусивме дека молкот и цензурата резултираат со назадување, трауми и фрустрации кај граѓаните, а слободно изречениот збор создава вредности и квалитет во општеството“, рече Поповски.

Министерот Поповски констатираше дека „професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава“.

„Оваа отворена и демократска Влада го слуша гласот на своите граѓани за да се подобрува во раководењето на државата и никогаш да не скршне од зацртаните приоритети. Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, којшто подразбира демократизација на медиумскиот амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство, активна транспарентност и пристапност“, рече Поповски.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Поповски, додаде дека „медиумската сфера во Македонија, за прв пат после една деценија е ослободена од политички притисоци“. Тој посочи дека „направениот прогрес во слободата на изразување, особено во подобрувањето на климата за работа на медиумите и намалувањето на притисокот врз новинарите се содржи во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија“. Исто така дека „Фридом Хаус ја посочи Македонија како светла точка во регионот“. А, како што рече, „констатирани се чекори напред и во Извештајот за слобода на медиумите на Репортери без граници, каде прецизно се укажува дека заврши децениското владеење со систематски напади на слободата на медиумите, новинарите и медиумските работници“.

Министерот Поповски се обврза дека вака посветено Владата ќе продолжи да работи.

„Многу е сработено во изминативе месеци, но уште многу треба да се сработи. Свесни сме за тоа. Еден од врвните приоритети на Владата е создавање услови за независно и професионално работење на јавниот сервис МРТВ, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија.

Законските измени што се во Собранието се во таа насока. Очекуваме и ја повикуваме опозицијата да даде поддршка за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на отпочнување на реформите во областа на медиумската индустрија. Република Македонија напредува на интегративниот пат, шансите се отворени и таа перспектива на граѓаните никој нема право да ја загрози“, рече Поповски.

Министерот Поповски соопшти дека Владата, го прави потребното, се повлече од рекламирања во приватните традиционални медиуми затоа што знае дека финансиската независност на медиумите е клучна за професионалното работење.

„Сакам да ве уверам дека заедно со вас од новинарската заедница, согласни сме, треба да се промени и економската ситуација на новинарите во Македонија и да се осигураат вашите работни места и повисоки плати. Апелирамe кон сопствениците на медиумите да ги следат политиките на пораст на платите.

Владата нема да се меша во вашата работа, но не имате за ваш принципиелен партнер. Ќе примениме позитивни европски практики и ќе направиме се што дозволуваат демократските стандарди и законската регулатива, да овозможиме да се унапредат условите за работа на медиумските работници. Само професионални медиуми, вистински и навремени информации и задоволни медиумски работници се објективниот глас на граѓаните на Република Македонија“, рече на прес конференцијата, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

На новинарските прашања за случаите како што беше речено, со закани кон претседателот на ЗНМ и кон новинари, министерот Поповски рече дека оваа Влада применува нова политичка култура, дека секој може да направи грешка и дека е важно да има корекција на однесувањето, како и дека она што е важно е поединечни случаи за кои се информираше во медиумите, не треба и нема да бидат појава.

На прашањата за подобра работа на медиумите, министерот Поповски рече дека очекува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којшто е во собраниска процедура, да овозможи професионален јавен сервис, како и департизација и професионализација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што очекува да придонесе и кон почитување на професионалните стандарди од страна на сите медиуми.

Во врска со прашањето за нови концесии, министерот Роберт Поповски одговори дека тоа најдобро ќе го одреди пазарот.