22/11/2024
Македонија

Министерот Шаќири го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година, осврнувајќи се на тековните и идните проекти во насока на развој на дигитализацијата и професионализација на администрацијата.

Посочувајќи дека, при изготвувањето на предлог-буџетот се водело сметка да се најде баланс меѓу оптимизацијата на расходите на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги, министерот Шаќири соопшти дека вкупниот предлог-буџет на Министерството за информатичко општество и администрација за 2021-та година изнесува 1.179.142.000 денари.

„Буџетот е составен од средства за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија, средства за работа на МАРнет, средства за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите и средства насочени кон зголемување на ефикасноста и ефективност на администрацијата и процесите внатре, институционално“, рече министерот Шаќири.

Првиот столб, односно најголемиот дел од овие средства, 900.000.000 денари, се одвојуваат за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија. На овој начин, како што рече,  граѓаните се ослободени од трошоци, а од друга страна овие институции добиваат редовни и предвидливи средства, односно се овозможува нивна автономност и независност.

Според министерот Шаќири, вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на МАРнет кој изнесува 14.514.000 денари. Со одвојување на средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд план, ќе се инвестира во поврзувањето на Универзитетите и сите останати образовни и истражувачки установи во мрежата на МАРнет, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемување на потребите по користење на броадбенд услуги и нивна промоција како и намалување на дигиталниот јаз.

Министерот Шаќири понатаму посочи дека, од останатиот дел од предлог-буџетот за 2021 година, односно третиот столб со буџет од 60.624.000 денари, голем дел од средствата се предвидени за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.

„Централниот регистар и Националниот портал за е-услуги се основата која е воспоставена. Сепак, истите бараат надградба и одржување. Порталот, кој сега овозможува дел од електронските услуги и само за граѓани, ќе биде надграден и за бизнисите. За овие проектираме поддршка од ЕУ, преку ИПА програмата“, рече министерот, додавајќи дека со нов проект со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите и ќе се развијат околу 130 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.

Сите услуги, достапни до сите граѓани се нашата приоритетна цел за наредната 2021 година. Затоа, вложуваме во доближувањето на услугите до граѓаните на два начини: преку центрите за „Една точка за услуги“ и преку набавка на хардверско и софтверско решение за издавање на документи“, рече министерот Шаќири.

„Преку средствата обезбедени за членство во Инцијативата за Отворено владино партнерство, ги утврдуваме темелите на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните“, посочи министерот.

Претставувајќи го предлог-буџетот, министерот Шаќири се осврна и на програмата ИСА 2 на ЕУ со која се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа со што се овозможува поголем бенефит од прекугранични и меѓу-секторски јавни услуги.

Средства во буџетот за 2021 се издвоени и за пенатрациско тестирање на системите , за државен репозиторум за изворни кодови и регистар на софтверските решенија развивани за потребите на државата, како и за Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП).

„Со воведување на Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП) секоја работна задача кон вработените кои спроведуваат управни постапки ќе се задава јасно и прецизно со можност во реално време да се следи нејзиното извршување. Владата на Република Северна Македонија планира до крајот на 2021 година да го воведе овој систем во најмалку 30% од вкупниот број на органите на државната управа, а до крајот на 2024 година во сите органи на државната управа. Со ова, ќе се зголеми ефективноста и отчетноста за работата на административните службеници кои спроведуваат управни постапки и полесен и побрз пристап на граѓаните до административна правда“, рече министерот Шаќири.

За четвртиот столб, посочи министерот, се планирани 90.424.000 денари и тоа за: дигитализација и ефикасна администрација, за обуки на вработените, обуки на сите нивоа во администрацијата за спроведување на Законот за општа управна постапка, како од гледна точка на администрацијата, така и од корисниците на услуги односно учесници во административните постапки, издвојуваме и средства за софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите.

На крајот, министерот посочи и дека се вложува и во други два система: информационен систем за управување со човечки ресурси и Документ Менаџмент Системот. Првиот е основа за анализи и креирање на политики согласно потребите на институциите. Со вториот, се вложува во електронското управување со документи. Преку Националниот систем за управување со документи-  ДМС системот институциите ќе може да разменат документи во електронска форма. Размената на документите ќе биде во реално време.


Министерот Шаќири го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година, осврнувајќи се на тековните и идните проекти во насока на развој на дигитализацијата и професионализација на администрацијата.

Во продолжение, Ви го пренесуваме обраќањето на министерот Шаќири во целост:

„Почитувани граѓани, претставници на медиумите.

Ви благодариме за интересот за денешната прес конференција за предлог Буџетот за 2021 година на Министерството за информатичко општество и администрација.  
Се бориме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, па оттука и Буџетот се насочува кон здравствениот сектор како прв приоритет, бидејќи најбитни се здравјето и животите на граѓаните.

Пандемијата донесе и економска нестабилност, но и извлековме една поука, а тоа е дека вложувањето во дигитализацијата е навистина важно. Навистина беше тешко да се најде еден баланс меѓу оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги. Бидејќи дигитализацијата бара многу финансиски средства, но ако ја немаме , може скапо да не чини.

Вкупниот предлог-буџет на Министерството за информатичко општество и администрација за 2021 година изнесува 1.179.142.000 денари. Буџетот е составен од средства за финансирање на  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија, понатаму средства за работа на МАРнет, средства за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите и средства насочени кон зголемување на ефикасноста и ефективност на администрацијата и процесите внатре, институционално.

Првиот столб, и најголемиот дел од овие средства, односно 900.000.000 денари се одвојуваат за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија. На овој начин граѓаните се ослободени од трошоци, а од друга страна овие институции добиваат редовни и предвидливи средства, односно овозможуваме нивна автономност и независност.

Вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на МАРнет кој изнесува 14.514.000 денари. Со одвојување на средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд план, инвестираме во поврзувањето на Универзитетите и сите останати образовни и истражувачки установи во мрежата на МАРнет, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемување на потребите по користење на броадбенд услуги и нивна промоција како и намалување на дигиталниот јаз. МАРнет е членка на асоцијацијата GEANT во која членуваат Националните академски истражувачки мрежи од Европа. Покрај сегашната врска кон Софија, МАРнет е во преговори со GEANT за воспоставување на додатни поврзувања кон Тирана, Софија Приштина и Солун. Реализацијата на проектот за изградба на IP/MPLS мрежата на МАРнет е нужен предуслов за проширување на мрежата на GEANT на територијата на Република Северна Македонија. Со поврзувањето на образовните и научните институции во мрежата на МАРнет ќе им биде овозможено на сите ученици, студенти и истражувачи во Република Северна Македонија да ги користат сервисите на GEANT како што се:
–  Eduroam – сервис за пристап до WiFi мрежите на сите членки на GEANT во Европа преку која добиваат пристап до Интернет кога се во странство.
–  EduGain – дигитални идентитети преку кои добиваат пристап до сите образовни и научни содржини на членките на федерацијата на провајдери на дигитални идентитети.
–  Cloud сервиси.

Од останатиот дел од предлог буџетот за 2021 година, односно третиот столб со буџет од 60.624.000 денари, голем дел од средствата се предвидени за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.

Централниот регистар и Националниот портал за е-услуги се основата која е воспоставена. Сепак, истите бараат надградба и одржување. Порталот, кој сега овозможува дел од електронските услуги и само за граѓани, ќе биде надграден и за бизнисите. За овие проектираме поддршка од ЕУ, преку ИПА програмата. Само што започнавме со имплементација со нов проект со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите и ќе се развијат околу 130 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.

Сите услуги, достапни до сите граѓани се нашата приоритетна цел за наредната 2021 година. Затоа, вложуваме во доближувањето на услугите до граѓаните на два начини: преку центрите за „Една точка за услуги“ и преку набавка на хардверско и софтверско решение за издавање на документи.

Во наредниот период ќе бидат отворени првите четири канцеларии „Една точка за услуги“, во Куманово, Охрид, Тетово и Битола. Со ова, освен во Скопје, овозможуваме и граѓаните од други градови на едно место да добијат услуги и информации од различни државни и јавни институции.

Заради подобро функционирање на центрите, намалување на бројот на граѓани услужени на шалтерите, намалување на просечното време на чекање, но и доближување на услугите до граѓаните во подалечните населени места вон центрите, каде што граѓаните немаат можност да добијат услуги, ќе набавиме документомати – за издавање документи. Со ова решение ќе се промовираат дигиталните услуги за сите слоеви во општеството со тоа што ќе се направат уште подостапни и лесни за користење за сите граѓани, а ќе се зголеми задоволството и довербата кон институциите од страна на граѓаните.

Почитувани,

Транспарентноста и отвореноста во работењето и редовната консултација со граѓаните е основа за креирање на политики и носење на одлуки кои се во интерес на сите граѓани. Затоа, обезбедивме средства за создавање поволно опкружување за подобрена законска рамка и отворање на податоците од страна на институциите со користење на методолошки пристап, согласно потребите на јавноста.

Преку средствата обезбедени за членство во Инцијативата за Отворено владино партнерство, ги утврдуваме темелите на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните. Уште поважно, Отвореното владино партнерство врши силно влијание врз иновациите, развојот и конкурентноста. Преку Единствениот национален електронски регистар на прописи обезбедуваме директна комуникација со граѓаните, преку отворени онлајн дискусии на теми кои се од нивен интерес, но и политики кои ги подготвуваат институциите, а претходно сакаат да ги искомуницираат и да добијат повратен одговор од граѓаните, граѓанскиот сектор и други засегнати страни.

За подобрување на транспарентноста, МИОА ќе ги менува веб-страниците на сите министерства во Владата.

Постапката веќе е отпочната и ќе заврши во првите месеци од 2021 година. Станува збор за единствено веб-решение кое ќе го приспособи секое министерство на своите потреби. Едноставно за употреба, фокусирано на услугите што министерствата ги даваат, и ќе биде простор каде граѓаните ќе можат да поставуваат прашања и да добиваат информации кои им се потребни.

Веќе се приклучивме на програмата ИСА 2 на ЕУ. Со ISA2 програмата се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа со што се овозможува поголем бенефит од прекугранични и меѓу-секторски јавни услуги. Придобивките се во повеќе институции. Пример е Министерството за транспорт и врски, кое преку ТЕСТА разменува податоци за тахометрите во возилата. Дирекцијата за заштита и спасување работи на поврзување преку ТЕСТА со Информациско-комуникацискиот систем за управување со вонредни ситуации на ЕУ.

Средства во буџетот за 2021 се издвоени и за пенатрациско тестирање на системите , за државен репозиторум за изворни кодови и регистар на софтверските решенија развивани за потребите на државата, како и за Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП). Со воведување на Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП) секоја работна задача кон вработените кои спроведуваат управни постапки ќе се задава јасно и прецизно со можност во реално време да се следи нејзиното извршување. Владата на Република Северна Македонија планира до крајот на 2021 година го воведе овој систем во најмалку 30% од вкупниот број на органите на државната управа, а до крајот на 2024 година во сите органи на државната управа. Со ова, ќе се зголеми ефективноста и отчетноста за работата на административните службеници кои спроведуваат управни постапки и полесен и побрз пристап на граѓаните до административна правда.

И тука некаде се поврзуваат и преклопуваат третиот и четвртиот столб во кој се планирани 90.424.000 денари и тоа за: дигитализација и ефикасна администрација, кои секако не се одвоени работи. Можеби не доволно, заради тоа што 2021 е година која ќе биде во знакот на заздравување од пандемијата, но средства се одвоени и за обуки на вработените, обуки на сите нивоа во администрацијата за спроведување на Законот за општа управна постапка, како од гледна точка на администрацијата така и од корисниците на услуги односно учесници во административните постапки, издвојуваме и средства за софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите – опомената се воведува како мерка пред казнувањето.

Вложуваме и во други два системи, информационен систем за управување со човечки ресурси и Документ Менаџмент Системот. Првиот е основа за анализи и креирање на политики согласно потребите на институциите. Со вториот, вложуваме во електронското управување со документи. Преку Националниот систем за управување со документи-  ДМС системот институциите ќе може да разменат документи во електронска форма. Размената на документите ќе биде во реално време“.