26/11/2024
Македонија

Министерот Спасовски на средба со делегација на НАТО

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со делегација на НАТО, предводена од Арнт Фрајтаг фон Лорингхофен, помошник генерален секретар за разузнавање и безбедност.

Арнт Фрајтаг фон Лорингхофен го поздрави постигнатиот политички договор со одобрувањето на договорот од Преспа во македонскиот парламент, со кој се отвора патот на Македонија кон интеграција во НАТО и ЕУ.

Министерот Спасовски ги запозна гостите со досегашниот тек на реформите и имплементацијата на новиот систем за следење на комуникациите, а го запозна и со детали од текстовите на законите со кои се продолжува реформата во безбедносно-разузнавачкиот сектор.

Арнт Фрајтаг фон Лорингхофен изрази поддршка за досегашниот тек на реформите, кои продолжуваат со силен интензитет и се од големо значење за членството на Македонија во НАТО. Тој позитивно го оцени напредокот што е направен во рамките на Управата за безбедност и контраразузнавање, како и враќањето на угледот на управата.