22/11/2024
Македонија

Министерот Спасовски во Тирана: Потпишан заедничкиот акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан

Изминативе неколку години главен безбедносен предизвик за сите нас беше, но и се уште е,  движењето на мигрантите и бегалците кои транзитираат во помал или поголем интензитет низ териториите на нашите држави, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето денешно обраќање на Форумот на министрите за внатрешни работи и за правда, ЕУ- Западен Балкан, што се одржува во Тирана, Република Албанија а во рамки на автриското претседателство со Советот на Европа.

Говорејќи во сесијата посветена на миграционите политики и предизвици, министерот Спасовски оценувајќи ја актуелната безбедносна состојба во нашата земја како поволна, ја нагласи и големата помош од страна на ЕУ, пред се за зајакнување на капацитетите на граничната полиција преку обезбедување  техничка и советодавна помош, обуки, и преку континуираното присуство на полициски службеници од регионот и од земји од ЕУ, кои учествуваат во заеднички гранични операции на јужната граница и успешно се справуваат со мигрантските предизвици.

Исто така, министерот Спасовски посочи и неколку други важни подрачја на соработка и активности од сферата на миграциските политики со кои што генерално се унапредуваат стандардите и функционалноста на институциите во справување со овој проблем.

“Верувам дека со заедничка акција на земјите од регионот и во тесна соработка со ЕУ можеме успешно да се справиме со сите предизвици. Во  овој контекст сакам да го изразам моето задоволство што во изминатиот период успеавме да го усогласиме текстот, а воедно да го парафираме Договорот за статус меѓу Република Македонија и ЕУ за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража. Убеден дека овој Договор обезбедува одржливи, трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал“, потенцираше Спасовски.

Министерот Спасовски говореше и во пладневната сесија посветена на безбедноста, односно полициската соработка во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

“Мотото на актуелното австриско претседателство- Европа која заштитува, е мото кое не е само визија, туку многу повеќе, повик за акција. Повик за заедничка борба против сите безбедносни предизвици кои ги носи актуелното време во кое живееме.  И овде несомнено е потребно заедничко и унифицирано дејствување. Оттаму, дозволете ми да го изразам моето задоволство и да го поздравам чинот на  потпишувањето на Заедничкиот Акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан, кој произлезе како резултат на заложбите од Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан летово во Софија“, истакна меѓу другото министерот Спасовски.

Mакедонија во изминатиот период презеде и реализираше низа конкретни активности чија што примарна цел е зајаканување како на националните капацитети за борба против тероризмот и организираниот транснационален криминал, така и на капацитетите за поинтензивна регионална и мултилатерална соработка во заедничкото спротивставување кон сите тие безбедносни предизвици.

“Во Република Македонија постои силна политичка волја за интензивна и континуирана борба против организираниот транснационален криминал.  На овој начин сигурен сум дека преку  подобрена и поефикасна размена на информации ќе успеееме да им застанеме на патот на добро организираните криминални групи,  а со тоа да придонесеме за побезбедна Европа “, нагласи министерот Спасовски.