Министерот за економија Крешник Бектеши се сретна со косовскиот министер за претприемништво и иновации Бесим Бечај
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со министерот за иновации и претприемништво на Република Косово Бесим Бечај. На средбата двајцата министри разговараа за економската соработка меѓу двете земји, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, a а беа изнесени и конкретни идеи и предлози кои би придонеле за зајакнување на соработката во корист на деловната заедница од двете држави.
„На колегата Бечај, кој го води ресорот иновации и претприемништво, му ги претставив мерките од Планот за економски раст на нашата Влада, кој ги дефинира главните политички приоритети за претстојниот период и со кој се очекува: зголемување на приватните инвестиции, зголемување на вработеноста, зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната економска соработка и подобрување на благосостојбата на граѓаните. За меѓусебната соработка со Косово, со мерките од Планот посебно очекуваме ефекти во делот на инвестиции и на регионалната соработка, што ќе биде од корист за двете земји“, изјави министерот Бектеши по средбата.
Од прашањата што се од заеднички интерес од двете земји, Бектеши го информираше својот косовски колега за проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце, за кој на последната владина седница беше презентиран Акционен план со утврдени термини за реализација, а според проекциите активностите на оваа делница долга 12 километри треба да започнат во 2019 година, а да бидат финализирани до крајот на 2022 година.
Бектеши додаде дека билатералната трговска соработка со Косово, таа минатата година беше зголемена за 11,4% , а годинава 6% во однос на 2016.
Министерот за иновации и претприемништво на Република Косово Бесим Бечај, изјави дека економските односи со Македонија се одлични и ја поздрави определеноста на Владата на РМ за утврдување на времетраењето на изградбата на оваа делница. Според него, изградбата на автопатот од Приштина до Блаце од косовска страна, и од Блаце до Скопје од македонска страна, ќе придонесе за зголемување на трговската размена и протокот на луѓе и стоки меѓу двете земји.
„Косово и Македонија се две мали економии, и со тесна соработка помеѓу институциите и помеѓу бизнис задниците може да конкурираат на светскиот пазар кој се менува и оди кон целосна дигитализација. Од овие причини, Владата на Република Косово го формираше министерството за иновации и претприемништво, со цел да им овозможиме на младите поволни услови за водење на бизнис, со еден нов економски менталитет, според светските трендови, различен од класичниот систем за водење на економијата“, изјави Бечај.
Во делот на заедничките активности, Македонија и Косово во првиот квартал на оваа година се очекува да ја одржат и четвртата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка, а во постапка на подготовка е и Меморандумот за соработка за контрола на стратешки стоки, кој по финализирањето од двете страни, ќе биде потпишан од ресорните министри.